191/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Куманово, донесена од Собранието на Општина Куманово на 20 март 1996 година, објавена во “Службен гласник на Општина Куманово” бр.1/96.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Душан Димитријевиќ од Куманово му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение, во која наведува дека со решение од Јавното претпријатие за стопанисување со станови и деловен простор – Куманово бил задолжен да плати надоместок во износ од 1.815,00 ден. за 1996 година, а врз основа на член 12 од Одлуката за надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Куманово, која што била објавена во “Службен гласник на Општина Куманово”, и член 202 став 1 од Законот за општа управна постапка. Во член 14 од оспорената Одлука било определено дека износот на надоместокот за секој обврзник го утврдува Јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор – подрачна единица Куманово, што било спротивно на Законот за општата управна постапка. Исто така, оспорената одлука не била објавена во “Службен весник на Република Македонија”, туку “Службен гласник на Општина Куманово”, што било во спротивност со член 52 од Уставот на Република Македонија. Од овие причини во иницијативата се предлага Судот да ја укине или поништи оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената Одлука, донесена од Собранието на Општина Куманово, е утврдена обврската за плаќање на надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Куманово, висината на надоместокот, роковите на плаќање и начинот на пресметување на надоместокот. Во член 14 од Одлуката е предвидено износот на надоместокот за секој обврзник го утврдува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор – Подрачна единица Куманово.

4. Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 од овој член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Со Законот за градежното земјиште се уредуваат начинот и условите за користење на градежното земјиште. Според член 4 од овој закон, уредувањето и употребата на тоа земјиште е дејност од јавен интерес, а според член 9 од Законот, градежното земјиште е на Републиката. Со членот 45 од Законот е определено надоместокот за употреба на уреденото градежно земјиште да се плаќа по единица површина, посебно за градежното земјиште и посебно за изграден користен простор.

Според член 44 став 1 од Законот за градежното земјиште, собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Согласно ставот 2 од овој член на Законот, со одлуката за воведување на надоместок се уредува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот, а според ставовите 3 и 4 од овој член, надоместокот го плаќа непосредниот корисник на земјиштето. Како непосреден корисник се смета носителот на правото на користење на недвижности, сопственикот и носителот на станарското право.

Според член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката, а според член 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено, покрај другото, во областите на урбанизмот и комуналните дејности. Општината е самостојна во вршењето на надлежноста утврдена со Уставот и закон. Републиката со закон може да довери вршење на определени работи на општината.

Согласно член 17 став 1 точките 4, 5 и 27 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95), единиците на локалната самоуправа, меѓу другото, самостојно ги вршат работите на уредување и употреба на градежното земјиште, утврдуваат зони и собираат земјишна такса и вршат одделни овластувања врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на своето подрачје. Вршењето на тие работи се остварува во согласност со закон.

Од содржината на наведените уставни и законски одредби произлегува дека со закон може да се утврди обврска за плаќање јавна давачка, а во тие рамки и надоместок за употреба на градежното земјиште, дека градежното земјиште како добро од општ интерес за Републиката ужива посебна заштита и дека со закон се уредува начинот и условите под кои определени добра можат да се отстапат на користење. Понатаму, дека општината се финансира од сопствени извори и приходи определени со закон и дека таа, меѓу другото, ги врши работите од локално значење особено во областите на урбанизмот и комуналните дејности. Според тоа, надоместокот за употреба на градежното земјиште како обврска произлегува од Законот за градежното земјиште, а согласно член 44 од овој закон, општината е овластена да може да го утврди надоместокот за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации и да ја утврдува неговата висина, рокови на плаќање и начин на пресметување, поради што Судот најде дека оспорената одлука е донесена во согласност со Уставот и законот.

Судот најде дека е неоснован наводот во иницијативата кој се однесува на одредбата од член 14 од оспорената Одлука, бидејќи од содржината на истата утврди дека со оваа Одлука доносителот прецизно ја утврдил висината на надоместокот за употреба на градежното земјиште по квадратен метар површина во зависност од обемот и степенот на изграденоста на земјиштето и неговата положба во градот, додека вклучувањето на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор – Подрачна единица Куманово е само во функција на техничко пресметување и изготвување на сметките за надоместокот за употреба на градежно земјиште.

Судот најде дека е неоснован и наводот во иницијативата дека оспорената Одлука била објавена на начин кој не е во согласност со член 52 од Уставот на Република Македонија, со тоа што не била објавена во “Службен весник на Република Македонија” туку во “Службен гласник на Општина Куманово”, поради следните причини:

Согласно член 52 од Уставот на Република, законите и другите прописи се објавуват пред да влезат во сила, и тоа во “Службен весник на Република Македонија”, најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Оспорената Одлука претставува пропис донесен од Собранието на Општина Куманово и објавен во “Службен гласник на општина Куманово”. Начинот на објавување на прописите кои во рамките на своите надлежности ги носат органите на единиците на локалната самоуправа (општините и градот Скопје), не е уреден со посебен закон. Истите се објавуваат во службените гласила на општините кои ги издаваат стручните служби на собранијата на ошштините, а врз основа на статутите на општините.

Имајќи ја предвид ваквата фактичка состојба и цитираната уставна одредба, Судот најде дека со објавувањето на оспорената Одлука во “Службен гласник на Општина Куманово” не е повреден член 52 од Уставот на Република Македонија, со оглед на тоа што се работи за пропис од локално значење чиј што начин на објавување не е уреден со закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.191/96)