205/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 18 став 2 од Законот за локалните избори (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/96) во делот што определува дека писмената согласност за секоја кандидатура е неотповиклива.

2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената законска одредба.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Демократската партија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорената одредба од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не била во согласност со член 16 став 1 од Уставот според кој се гарантирала слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Кандидирањето на изборите било несомнено само дериват на оваа слобода: човекот имал определени политички мислења, определен систем од вредности, па според својата совест, се определил за една партија и прифатил (писмено согласувајќи се) да застане на нејзината кандидациона листа. Меѓутоа, од кандидирањето па до конечниот избор од страна на граѓаните, можеле да се јават неброено многу причини кандидатот да го смени мислењето, како на пример: во текот на предизборната кампања да согледа многу слабости на партијата што ја избрал, да согледа дека таа воопшто не е онаква каква што јавно и програмски се претставувала па да реши да ја напушти истапувајќи од нејзините редови. Оттука, бидејќи никој немал право некому да му налага да остане во некоја партија, против неговата волја, било нелогично и спротивно на уставната гаранција за слободата на неговото уверување тој и понатаму да остане кандидат на листата на партијата што ја напуштил. Или, ако кандидатот согледал дека неговите изгледи да победи се минимални (според негово уверување и мисла), можел да реши да поддржи кандидат кој имал подобри изгледи за успех. Со оспорената одредба од Законот била оневозможена ваква мисла, вакво изразување на мислата и дејствување во сообразност на мислата што значело негација на една основна слобода и право на човекот. Понатаму, во иницијативата се наведува дека ако избраните функционери можеле со оставка да се откажат од функцијата на која биле избрани, апсурдно било тоа да не можел да го стори некој кој се уште не бил избран туку само аспирирал за јавна функција.

Во иницијативата се предлага Уставниот суд да донесе решение, со кое до донесувањето на конечна одлука, ќе го запре од извршување спорниот дел од член 18 став 2 од Законот.

4. Судот на седницата утврди дека во член 15 од Законот е предвидено дека предлагањето на кандидати за членови на совет и за градоначалник се врши со листа на кандидати, односно на кандидат за градоначалник. Листите на кандидати, односно листа на кандидат за градоначалник ги предлагаат регистрираните политички партии и група избирачи. Група од 200 избирачи можат да предложат листа на кандидати за член на совет и листа на кандидати за градоначалник. Листите на кандидати, односно листа на кандидат за градоначалник подносителите ги доставуваат до изборната комисија најдоцна 30 дена пред денот на одржувањето на изборите.

Во член 18 од Законот е предвидено кандидатот кој што е предложен на листата треба да има постојано живеалиште во општината, односно градот Скопје во која се вршат избори и може да биде предложен само на една листа.

За секоја кандидатура потребна е писмена согласност на кандидатот, која е неотповиклива.

Понатаму, Судот утврди дека во член 23 став 1 од законот е предвидено Изборната комисија најдоцна три дена по истекот на рокот од член 15 став 4 ќе достави список на сите листи на кандидати односно листа на кандидат за градоначалник предложени од политичките партии или група избирачи, а според член 24 став 1 од Законот, изборната комисија по рокот утврден во член 23, односно најдоцна 20 дена пред денот определен за одржување на изборите ќе ги огласи листите на кандидати, односно листа на кандидат за градоначалник.

Во понатамошните одредби од Законот се уредени прашањата за изборната кампања и спроведувањето на изборите.

5. Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според член 22 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право, кое е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Со Уставот на Република Македонија политичкиот плурализам и слободните демократски избори се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Битно за остварување на изборите и за функционирање на правната држава е обезбеадување на регуларност на изборите, односно
обезбедување легитимност на изборите во сите фази и целосна заштита на избирачкото право на граѓаните. Исто така, битно за остварување на демократски и легитимни избори е и заштитата на слободата на изборите, која слобода може да биде загрозена од страна на бројни субјекти и со различни постапки.

Избирачкото право е едно од најбитните политички права кое може да биде активно и пасивно. Уставот на Република Македонија не прави разлика меѓу овие два вида избирачки права, што подразбира дека со исполнувањето на утврдените услови граѓанинот стекнува право да избира и да биде избран. Тоа значи дека Уставот не предвидува никакви посебни услови за стекнување на пасивното избирачко право освен во членот 80 во кој е регулирано дека претседателот на Републиката мора да е државјанин на Република Македонија, на денот на изборите да има наполнето најмалку 40 години живот и до денот на изборите да е жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години.

Гарантирањето пак на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата со една уставна норма е резултат на нивната заемност и условеност. Слободата на уверувањето се изразува преку искажување со мисла на определувањето на човекот во сите или одделни сфери на општествениот живот и активностите во него, во зависност од неговиот интерес и неговиот однос кон настаните, појавите и односите во општеството во кое живее или кое го опкружува во одделните области – научни, културни, уметнички, образовни, социјални, хуманитарни, политички и други. Слободата на уверувањето како продукт на мисловниот процес на човекот, особено доаѓа до израз (покрај сферата на религијата) при политичката определба, што всушност значи прифаќање или одбивање на определено политичко гледање или движење, нивно активно поддржување или несогласување, основање и членување во политички партии поради искажување, пропагирање и остварување на политички цели.

Тргнувајќи од меѓусебната поврзаност и условеност на уставно гарантираните слободи и права, слободите и правата не можат да се остваруваат на штета на друг и на заедницата во целина. Одговорноста, како составна компонента во остварувњето на човековите слободи и права значи должност на секого да ги почитува слободите и правата на другите, односно неодговорното однесување на граѓаните не може да биде на штета на другите.

Со оглед на тоа што пасивното избирачко право иако е индивидувално право неговото остварување создава права и обврски, Судот смета дека со едностраното повлекување на една од страните би довело до нарушување на изборниот процес кој претставува континуиран процес кој се состои од одредени правила меѓусебно условени и поврзани.

Со прифаќањето на одредена кандидатура веќе не се оставарува само пасивното избирачко право на кандидатот туку и правото на политичките партии да учествуваат во изборите, како и правото на граѓаните да предлагаат свои кандидати.

Со прекинувањето на одделна фаза во изборниот процес со откажување на предложените кандидати, би се оневозможило до крај спроведување на изборите, а со тоа би се повредиле правата на избирачите или правата на другите субјекти во изборниот систем, меѓу кои и на предлагачите.

Со оглед на тоа што во член 18 став 2 од Законот е предвидено дека дадената писмена согласност за кандидатура е неотповиклива, но во опредлен рок пред одржувањето на изборите, односно во рокот определен со член 15 од Законот, Судот оцени дека со тоа се овозможува секоја од партиите што предложила свој кандидат, како и група избирачи, да учествуваат на изборите, без да се создаде можност за нарушување на започнатиот изборен процес, што во крајна линија преставува остварување на политичкиот плурализам и на избирачкото право на граѓаните.

Понатаму, Судот смета дека со давањето писмена согласност за прифаќање на кандидатурата кандидатот политички се определил според своето уверување, поради што Судот смета дека со оспорената законска одредба не се повредува, пред се слободата на уверувањето гарантирана со член 16 од Уставот.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Во однос на барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената законска одредба, со оглед на тоа што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот, оцени дека не се исполнети условите за изрекување на времена мерка, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.205/96)