207/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 12 ставовите 2, 6 и 7 од Законот за сметководството (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93, 48/93 и 6/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Гаврил Коцески адвокат од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 12 ставовите 2, 6 и 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорените одредби биле излишни и спротивни на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.247/95, 248/95, 271/95 и 304/95 од 27 декември 1995 година.

3. Тргнувајќи од тоа дека Уставниот суд на Република Македонија, согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, одлучува за согласноста на законите со Уставот, а не и за излишноста на одделни законски одредби и нивната согласност со одлуките на Уставниот суд, како што се бара во конкретниот случај и дека за уставноста на оспорените одредби Судот постапувајќи по предметите У.бр.123/95 и У.бр.247/95, 248/95, 271/95 и 304/95 веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.207/96)