Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 октомври 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 5 став 1 точка 4 и член 6 од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/96).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Славе Панов од с.Добрево-Пробиштип и други учесници од војните во републиките на поранешна СФРЈ, преку адвокатот Надица Марковска од Пробиштип, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение. Според нив одредувањето на својството на воените инвалиди согласно членот 5 од Законот не било во согласност со член 9 од Уставот бидејќи постоела нееднаквост во остварувањето на правото на секој од учесниците во одредени војни. Така, според член 5 став 1 точки 1-3 како воени инвалиди се сметале лица кај кои настапило оштетување на организмот поради рана, повреда и болест, додека според точката 4 од истиот член за учесниците во војната во Република Словенија, Република Хрватска и Република Босна и Херцеговина, како и припадници на вооружените сили на поранешна СФРЈ до 15 мај 1992 година било одредено тоа право да им припадне само поради рана или повреда, а правото поради болест да се стекнат со воен инвалидитет не им било признато. Исто така, правото на еднаквост на граѓаните било повредено и со членот 6 од Законот, бидејќи на учесниците во војната на поранешните републики на СФРЈ не им се признавало правото на воени инвалиди со инвалидитет настанат поради болест како што им се признавало на учесниците во другите војни. Според подносителот на иницијативата, војната и нејзините последици биле подеднакви за сите учесници без разлика на која територија се одвивала војната, со напомена дека можеби според јачината и видот на користењето на военото оружје на просторите на поранешна СФРЈ, оваа војна имала далеку поголеми последици врз нејзините учесници.
Поради тоа, подносителот бара Судот да го укине член 5 став 1 точка 4 и член 6 од Законот и да утврди дека учесниците во војната во Република Словенија, Република Хрватска и Република Босна и Херцеговина имаат право да бидат воени инвалиди од војната кај кои настапило оштетување на организмот поради рана, повреда или болест здобиена од војната. Во таа смисла се предлага и дополнување на членот 6 од Законот.
3. На седницата Судот утврди дека според член 5 од Законот, воен инвалид од војните е државјанин на Република Македонија кај кого оштетувањето на организмот настапило:
1) поради рана, повреда или болест здобиена во војна при вршење на воени должности или други должности за целите на одбраната или безбедноста на Република Македонија;
2) поради рана, повреда или болест здобиена во времето на Антифашистичката народноослободителна војна од 6 април 19/41 до 15 мај 1945 година или при вршењето на должноста на целите на државната безбедност или одбраната од 15 мај 1945 до 31 декември 1947 година;
3) поради рана, повреда или болест здобиена како учесник во Народноослободителното движење во Грција и народноослободителното движење во Егејскиот дел на Македонија од 6 април 1941 до 8 јули, односно 31 декември 1949 година;
4) поради рана или повреда здобиена како учесник во војната на Република Словенија, Република Хрватска и Република Босна и Херцеговина, а во својство на припадник на вооружените сили на поранешната СФРЈ до 15 мај 1992 година;
5) поради рана или повреда здобиена со учество во вооружена акција на државната безбедност или одбрана;
6) поради рана или повреда здобиена како припадник на вооружените сили при вршењето на воени должности во странска земја, ако на вршење на тие должности го упатил надлежен орган во рамките на меѓународните обврски што ги презема Република Македонија и
7) поради рана, повреда или болест здобиена како воен заробеник.
Според член 6 од Законот, воен инвалид од војните е државјанин на Република Македонија кај кого постоела болест која се влошила под околностите од член 5 точки 1, 2, 3 и 7 на овој закон или болест за која не може со сигурност да се заклучи дека е предизвикана под тие околности, но може да се заклучи дека воените напори значително влијаеле врз нејзиното влошување, па поради тоа настапило оштетување на неговиот организам најмалку 20%.
4. Согласно член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според оваа уставна одредба, Уставниот суд не е надлежен да врши изменување и дополнување на законите и другите прописи ниту пак има право да утврдува како треба да гласат поедини нивни одредби.
Од друга страна, согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите, па според тоа исклучиво право е на Собранието да врши нивно изменување и дополнување.
Со оглед на тоа што во иницијативата се бара Уставниот суд да ги дополни член 5 став 1 точка 4 и член 6 од Законот, за што неспорно дека Судот не е надлежен, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.199/96)