190/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 од Законот за исплатата на платите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/94).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 30 од Законот за персоналниот данок од доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Јове Димитровски од Битола му поднесе иницијатива за поведувње постапка за оценување уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што не биле во согласност со членовите 55 и 58 од Уставот со кои се гарантирала слободата на пазарот и претприемништвото како и еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот при што единствено сопственоста и трудот биле основа за управување и учество во одлучувањето. Заедничко за оспорените одредби било тоа што и со двете, државата, а не правните субјекти на пазарот ги диктирала платите односно примањата кои секој субјект бил должен да ги оствари. Со други зборови, секој субјект на пазарот бил должен да плати данок од доход како и придонеси од плата, не онолку колку што тој остварил доход туку онолку колку што државата имала однапред испланирано, делејќи ги притоа правните субјекти на гранки, така што придонесите се плаќале според гранската припадност, а не спрема остварениот доход.

4. Судот на седницата утврди дека според член 30 од Законот за персоналниот данок од доход, основа на данокот од доход на личните примања од стопанска и професионална дејност претставува личното примање кое даночниот обврзник го утврдува во даночниот биланс согласно со одредбите од Законот за данокот од добивка, а кое по правило не може да биде пониско од просечната плата остварена во Републиката.

Според член 5 став 1 од Законот за исплатата на платите во Република Македонија, платата по работник која претставува основица за пресметување на даноците и придонесите од плата, не може да биде пониска од 65% од просечната месечна нето плата по работник во гранката на која и припаѓа правното лице регистрирано согласно со Уредбата за единствена класификација на дејностите, објавена во тековниот месец.

5. Според член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а ставот 5 утврдува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно оваа уставна одредба, со Законот за исплата на платите во Република Македонија се уредува исплатата на него платите и одделни надоместоци кај правните лица со седиште во Република Македонија.

Имајќи го предвид членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот според кој Собранието на Република Македонија донесува закони, Судот смета дека е право на законодавецот да ја уреди исплатата на него платите, како и да ја определи основицата за пресметување на даноците и придонесите од плата. При тоа, законодавецот не ја формира висината на платата односно примањата на субјектите туку само определува дека платата по работник која претставува основица за пресметување на даноците и придонесите од плата не може да биде пониска од 65% од просечната месечна нето плата по работник во гранката на која и припаѓа правното лице. Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 5 од Законот за исплата на платите со Уставот, особено од причина што оваа законска одредба не ја нарушува слободата на пазарот и претприемништвото ниту пак ја доведува во прашање еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Судот постапувајќи по предметот У.бр.71/94 ја оценувал уставноста на член 30 од Законот и притоа со Решение од 25 октомври 1994 година, не повел постапка за оценување на неговата уставност затоа што оценил дека личните примања остварени од вршење стопанска и професионална дејност се оданочуваат врз основа на даночниот биланс што се утврдува согласно одредбите од Законот за данокот од добивка, а тоа значи врз основа на реалната добивка на граѓанинот и, ако даночниот обврзник уредно ги води деловните книги и врз нивна основа уредно го утврдува даночниот биланс, персоналниот данок го плаќа по основ на билансот и во ситуација кога остварил лични примања под просечната плата во Републиката. Поради тоа, Судот оценил дека сите граѓани плаќаат персонален данок врз ист основ – реални лични примања и од тие причини оценил дека нема повреда на Уставот.

Исто така, Судот со Решение У.бр.47/96 од 17 април 1996 година, не повел постапка за оценување уставноста на овој член од Законот бидејќи оценил дека со него не се повредува еднаквата правна положба на субјектите на пазарот.

Тргнувајќи од фактот што Уставниот суд ја оценувал уставноста на членот 30 од Законот за персоналниот данок од доход и дека не повел постапка, а нема основи за поинакво одлучување, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.190/96)