70/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на член 37 став 5 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95).

2. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Коста Граматов, Здравко Сандев, Христо Димов и Велко Велевски од Скопје, со Решение У.бр.70/96 од 22 мај 1996 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбата на член 37 став 5 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 34 и 35 став 1 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека според член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување усогласувањето на старосната пензија се врши од 1 јануари и од 1 јули тековната година според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката и тоа:

– од 1 јануари според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката, остварена за декември претходната година во однос на просечната плата во нестопанството, остварена во јуни истата година и

– од 1 јули според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката, остварена за јуни тековната година во однос на просечната плата во нестопанството, остварена во декември претходната година.

Усогласувањето од став 1 на овој член се врши почнувајќи од исплата на пензија за јануари односнои јули тековната година.

Усогласувањето на старосната пензија се врши и во роковите пократки од времето предвидени во став 1 на овој член доколку растот, односно падот на платите биде поголем од 5% за еден или повеќе месеци во однос на месецот за кој е извршено последното усогласување.

Усогласената пензија од став 3 на овој член припаѓа од првиот ден по месецот за кој е утврден порастот на платите.

Според оспорениот став 5 од овој член, заради примената на став 1 на овој член пензијата остварена во тековната година претходно се усогласува според порастот на платите во јануари таа година во однос на целата претходна година, земајќи го предвид и влијанието на усогласувањето на пензиите предизвикано со друг закон.

4. Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а според член 35 став 1, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот го гарантира правото на социјална сигурност, како едно од основните права на граѓаните, а во тие рамки и правото на пензиското и инвалидското осигурување. Оттука произлегува обврска за државата со закон да го уреди ова право и да создаде услови за негово остварување, а не ограничување на тоа право. Во оваа смисла со Законот за пензиското и инвалидското осигурување е востановено задолжително пензиско осигурување, а остварувањето на правото на пензија да се врши во зависност од должината и обемот на вложувањата на средствата за пензиското и инвалидското осигурување под условите утврдени со овој закон.

Според член 19 од Законот старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година (пензиска основа).

Со ставот 2 на овој член е предвидено дека како година на осигурување од која се зема платата за утврдување на пензиската основа се зема календарската година во која осигуреникот остварил плата, односно надоместок на плата за најмалку шест месеци стаж на осигурување.

Според ставот 1 на член 32 од Законот платите од поранешните години кои се земаат за утврдување на пензиската основа се валоризираат со коефициентите пресметани врз основа на движењето на платите на сите вработени на територијата на Република Македонија, а според ставот 2 на овој член, валоризацијата на платите од поранешните години според кои се утврдува пензијата, се врши според просекот на платите во последната календарска година која и претходи на годината во која осигуреникот го остварува правото на пензија.

Со ставот 3 од овој член е предвидено дека коефициентите за валоризација на платите од поранешните години се утврдуваат секоја година единствено за сите плати врз основа на статистичките податоци за движењето на платите на сите вработени на територијата на Република Македонија, а според ставот 4 на овој член, коефициентите за валоризација ги утврдува Фондот со општ акт.

Според член 33 од Законот пензијата се утврдува од пензиската основа во проценти определени зависно од должината на пензискиот стаж.

Од наведените законски одредби несомнено произлегува дека висината на пензијата се определува од пензиската основа и должината на пензискиот стаж. Според тоа, Законот е дециден во утврдувањето на условите според кои се определува висината на пензијата, односно освен пензиската основа и пензискиот стаж не предвидува други услови.

Прашањето, пак, за усогласување на пензиите е посебно право, кое исто така произлегува од Законот.

Конкретно, членот 37 од Законот е утврден начинот на усогласување на пензиите според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката, што значи дека целта на усогласувањето е пензиите да го следат порастот на платите. Притоа, со оспорената одредба пензиите остварени во тековната година, независно дали настапиле роковите, односно условите за нивно усогласување се сведуваат на ниво на јануари од тековната година во однос на целата претходна година, при тоа земајќи го предвид и влијанието на усогласувањето на пензиите предвидени со друг закон.

Според мислењето на Судот смислата на усогласувањето на пензиите според оспорената одредба е со индоксација е пензиите да се сведат од просечно на месечно ниво, што овозможува пензиите веднаш да се усогласуваа. Тоа значи нивно зголемување, а не намалување, со што се обезбедува социјалната сигурност на граѓаните.

Исто така, Судот смета дека со отстранување од правниот поредок на одредбата од член 6 од Законот за исплата на плати и пензии (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93), е отстранета и можноста за влијанието на усогласувањето а пензиите на овој закон

Со оглед на тоа што ваквиот начин на усогласување обезбедува нивно зголемување, Судот оцени дека оваа одредба од Законот не е во несогласност со членовите 34 и 35 став 1 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.70/96).