Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 47 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 октомври 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнувања на деталните урбанистички планови од помал обем на подрачјето на Општина Прилеп број 02-1351/1 од 19 март 1986 година, донесена од Собранието на Општина Прилеп (“Службен гласник на Општина Прилеп” бр.2/86).
2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Гојко Станковиќ од Прилеп, поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со членовите 45 и 46 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90).
3. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука престанала да важи со донесување на нова Одлука за измени и дополнувања на деталните урбанистички планови од помал обем на подрачјето на Општина Прилеп број 02-2631/1 од 17 мај 1988 година, донесена од Собранието на Општина Прилеп. Понатаму, Судот утврди дека согласно Законот за измена и дополнување на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/90), конкретно согласно неговиот член 45 и 46, Собранието на Општина Прилеп, на 15 мај 1991 година, донело Одлука за утврдување поблиски услови за градба бр.08-1695/1 (“Службен гласник на Општина Прилеп” бр.4/91), со која престанала да важи и предходната одлука за измени и дополнувања на деталните урбанистички планови од помал обем.
4. Според член 47 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд ќе ја запре постапката ако се утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба.
Со оглед на тоа што Судот утврди дека поведувањето на постапка е засновано врз погрешна фактичка состојба, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.77/96)