Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25.09.1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 93 и 103 од Законот за персоналниот данок од доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 70/94).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 30, член 100 став 3 и член 116 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Владимир Стефановски адвокат од Скопје и Елизабета Неделкова од Битола, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 30, 93, 100 став 3, 103 и 116 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорените одредби на член 30 и член 100 став 3 од Законот, за физичките лица кои се занимавале со стопанска и професионална дејност им се ограничувале правата и рамноправноста на пазарот, што било во несогласност со Уставот, а според член 93 од Законот жалбата не ја одлага наплатата на утврдениот данок, што не било во согласност со член 15 од Уставот и член 18 од Законот за извршната постапка. Понатаму, со оспорената одредба на член 103 од Законот се утврдувало на износите на даноците што не се платени во пропишаните рокови, обврзникот да плаќа камата по 0,5% дневно за секој ден задоцнување, што не било случај кога државата не се јавува како доверител бидејќи за сите други правни субјекти се применувала друга каматна политика, а што не било во согласност со член 55 став 2 од Уставот и член 277 став 2 од Законот за облигационите односи, а според член 116 од Законот се давале овластувања на службеното лице на органот за јавни приходи, со кои се повредувало правото на неповредливост на домот, што било во несогласност со член 26 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 30 од Законот за персоналниот данок од доход, основа на данокот од доход на личните примања од стопанска и професионална дејност претставува личното примање кое даночниот обврзник го утврдува во даночниот биланс согласно со одредбите од Законот за данокот од добивка, а кое по правило не може да биде пониско од просечната плата остварена во Републиката.
Според член 93 став 1 од Законот жалбата не ја одлага наплатата на утврдениот данок доколку со овој закон не е определено поинаку, а според став 2 од овој член на Законот, органот за јавни приходи што го донел решението може во определени случаи да ја одложи наплатата на данокот до донесување на решение по жалбата, за што е должен да ја извести Управата за јавни приходи.
Со член 100 став 3 од Законот се уредува дека даночниот обврзник на данокот од доход за лични примања од стопанска и професионална дејност, аконтацијата на данокот за секој изминат месец ја пресметува и ја уплатува при исплатата на личните примања, а најдоцна во рок од 15 дена по истекот на месецот за што е должен на органот за јавни приходи да му поднесува месечна пресметка на данокот.
Со член 103 од Законот се утврдува дека на износите на даноците што не се платени во пропишаните рокови, обврзникот плаќа камата по 0,5% дневно за секој ден задоцнување.
Според укинатиот член 116 од Законот се уредуваше дека доколку обврзникот не сака сам да ги отвори просториите заради вршење на попис и процена, службеното лице на органот за јавни приходи е овластено да ги отвори затворените простории. Ако се претпоставува дека подвижни предмети што се погодни за попис се скриени кај даночниот обврзник или кај друго лице, службеното лице ќе ги повика да ги предадат, а ако не постапат според повикот, ќе им се изврши личен претрес во присуство на двајца сведоци. Преземените дејствија и лицата присутни задолжително се наведуваат во записникот за попис.
5. Според член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Тргнувајќи од содржината на наведената уставна одредба за гаранцијата на правото на жалба, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 93 од Законот според која жалбата не ја одлага наплатата на утврдениот данок, доколку со овој Закон не е определено поинаку и дека според став 2 од овој член на Законот, органот за јавни приходи што го донел решението може во определени случаи да ја одложи наплатата на данокот до донесување на решение по жалбата, според мислењето на Судот, јасно произлегува дека со оспорената одредба не се ограничува правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен, како што е во конкретниот случај со решението на органот за јавни приходи за утврдување на данокот, поради што не го постави прашањето за согласноста на таа одредба од Законот со член 15 од Уставот.
6. Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Со член 55 став 2 од Уставот се утврдува дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и дека презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Според член 68 алинеја 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и ги утврдува јавните давачки. Врз основа на таквото уставно овластување е донесен Законот за персоналниот данок од доход со кој се воведува персоналниот данок од доход и се уредува начинот на оданочување на доходот на граѓаните, при што со оспорената одредба, како акцесорна обврска за ненавремено плаќање на данокот од доход, обврзникот се задолжува да плаќа камата по 0,5% дневно за секој ден задоцнување.
Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи ги предвид причините за оспорување на одредбата на член 103 од Законот за персоналниот данок од доход наведени во иницијативата, според мислењето на Судот, јасно произлегува дека утврдената затезна камата со Законот има основ во Уставот и дека таа настанува како последица на ненавремено плаќање на јавна давачка, а не како последица на ненавремено измирување на парична обврска настаната во должничко-доверителни односи. Исто така, начинот на кој се пресметува таа камата според оспорената одредба се однесува на секој обврзник на јавната давачка и тие се во еднаква правна положба. Во конкретниот случај, обврзниците на данокот од доход во исполнувањето на својата обврска за навремено плаќање на данокот од доход, не стапуваат во пазарни односи со државата, поради што не може да се прифати приговорот дека државата се доведувала во привелегирана положба во однос на другите правни субјекти на пазарот.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 103 од Законот со член 55 став 2 од Уставот.
7. Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд ја оценувал уставноста на член 30 и член 100 став 3 од Законот за персоналниот данок од доход и дека со Решение У.бр.71/94 од 25 октомври 1994 година и Решение У.бр.47/96 од 17 април 1996 година, не повел постапка за оценување уставноста на член 30 од Законот и со Решение У.бр.5/96 од 3 април 1996 година не повел постапка за оценување уставноста на член 100 став 3 од Законот, што значи дека за истата работа веќе одлучувал, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 2 од ова решение.
8. Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд со Одлука У.бр.27/96 од 12 јуни 1996 година, го укинал оспорениот член 116 од Законот за персоналниот данок од доход, согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ја отфрли иницијативата во тој дел.
9. Во однос на наводите во иницјативите што се однесуваат на меѓусебната неусогласенот на оспорената одредба на член 93 од Законот со член 18 од Законот за извршната постапка и на член 103 со член 277 од Законот за облигационите односи, Судот, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
10. Врз основа на изнесеното се Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.179/96)