79/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 септември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 45 став 2 од Општите услови за испорака на топлинска енергија, донесени од Самоуправната интересна заедница за енергетика (“Служтен весник на СРМ” бр.47/89).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Собранието на општина Центар – Скопје Извршен одбор со решение У.бр.79/96 од 26 јуни 1996 година поведе постапка за оценување законитоста на член 45 став 2 од актот означен во точката 1 од оваа одлука затоа што со оспорената одредба се наметнува обврска за општината да ги плаќа сметките за испорака на топлинска енергија во случај кога за одредени објекти не смее да се прекине испораката на енергија, а потрошувачот не ја исполнил својата обврска и не ги платил сметките што не е во согласност со Законот за енергетика, Законот за буџетите и Законот за локалната самоуправа.

4. На седницата Судот утврди дека врз основа на член 11 од Законот за енергетика Самоуправната интересна заедница за енергетика на 15 јуни 1989 година ги донела Општите услови за испорака на топлинска енергија, со кои се определуваат условите и начинот на испорака, меѓунсебните права, обврски и одговорности на испорачателот и корисникот на топлинската енергија.

Во член 45 од Општите услови е предвидено дека испораката на топлинската енергија не смее да се прекине ниту ограничи освен во случаи на виша сила на објекти и постојки на кои со прекинот или ограничувањето би се довело во опасност животот на луѓето, сигурноста на објектите и постројките како и на општествените објекти што се од посебна важност за одржување на нормален живот на граѓаните како што се: болниците, живинарските и сточарските фарми и оранжерии.

Во оспорениот член 45 став 2 е предвидено дека превземената топлинска енергија од страна на потрошувачите од претходниот став во случај да не можат да се исполнат во законски утврдениот рок, сметките ќе ги исплати општинското собрание на чија територија се најдуваат потрошувачите.

5. според член 36 од Законот за енергетика испораката на енергија не смее да се прекина ниту ограничи освен во случај на виша сила, за објектите, уредите и остројките на кои со прекинот или ограничувањето се доведува во опасност животот и здравјето на луѓето како и на објектите кои се од бидно значење за стопанскиот развој на Републиката.

Со Општите услови за испорака на одделни видови енергија од енергетските системи се определуваат објектите, уредите и постројките од став 1 на овој член како и начинот на обезбедување со енергија во случај на виша сила.

Од изнесената одредба произлгува дека испораката на енергија а во тие рамки и испораката на топлинска енергија не смее да се прекине или ограничи, освен во случај на виша сила при што со Општите услови за испорака на одделни видови енергија треба да се определат објектите, уредите и постројките на кои со прекинувањето или ограничувањето се доведува во опасност животот и здравјето на луѓето како и на објектите кои се од значење за стопанскиот развој на Републиката како и начинот на обезбедување со енергија во случај на виша сила.

При тоа од Законот не произлегува можност дека со Општите услови треба и може да се предвиди кој ќе ги надомести трошоците за обезбедување на енергија во случај на виша сила ако корисниците не можат да ги надоместат направените трошоци.

Во Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93) односно во член 7 се утврдени приходите на Буџетот на фондовите и од каде тие се обезбедуваат,а во член 8 под б) се предвидени трошоците и останатите плаќања на буџетите на единиците на локалната самоуправа и тие таксативно се наведени, при што не е оставена можност единиците на локалната самоуправа да ги надоместуваат овие трошоци.

Според Законот за локалната самоуправа, односно во член 62 се утврдени сопствените и дополнителните извори на приходи на единиците на локалната самоуправа при што и од овој закон не произлегува обврска на единиците на локалната самоуправа да ги надомести овие трошоци.

Со оглед на изнесеното а имајќи го предвид статусот на општината како единица на локалната самоуправа и статусот на организацијата која врши производство преност и дистрибуција на топлинска енергија судот смета дека не произлегува обврска за единицата на локалната самоуправа односно за општината дека таа е должна да ги надомести трошоците за испорака на соодветен вид на енергија ниту во случај на виша сила кога корисникот не може да ги надомести тие трошоци, поради што, оспорената одредба не е во согласност со наведените законски одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.79/96)