Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 септември 1996 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 7 став 5 од Колективниот договор за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/95).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Основното училиште “Крсте Петков Мисирков” од Радовиш со Решение У.бр.129/96 од 19 јуни 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорените одредби од колективниот договор означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и законот.
4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот став 5 од член 7 од Колективниот договор е предвидено доколку ги исполнува општите и посебните услови, предност при засновање на работен однос има лицето кое живее во град, а со најдолг стаж во лучилиште на село.
5. Според член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5 на овој член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Тргнувајќи од означената уставна одредба како и од посебното уставно значење и карактер на воспитно-образовната дејност, постои уставна можност со посебен закон да се пропишат условите под кои може да се изведува воспитно-образовната дејност во основното образование.
Во член 68 став 1 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95) е предвидено дека учителот , наставникот, стручниот работник и воспитувачот се избираат по пат на јавен оглас. Во член 70 став 1 од Законот е предвидено дека предимство при вработување во основно училиште под исти услови имаат учители, наставници и стручни работници кои работат во селски населби, во потешки услови на работа.
Според член 7 од Законот за работните односи работен однос може да заснова секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој и друг закон и посебните услови утврдени со закон, колективен договор и акт на работодавецот.
Според член 84 од Законот за работните односи со колективниот договор се доуредуваат во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на рботниците и на работодавецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.
Според член 86 од овој Закон колективен договор не може да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со закон, а ако содржи такви одредби се применуваат соодветните одредби од законот.
Со оглед на тоа што со Законот за основното образование е предвидено да се даде предимство под еднакви услови на лица што работат во селски населби, независно дали живеат во град или во село, а според оспорените одредби од Колективниот договор, предимство им се дава на лицата кои живеат во град, но имаат најдолг стаж во училиште на село, што значи дека вакво право немаат лицата што работат и живеат во село, Судот оцени дека се предвидуваат помали права за одредена категорија на учители, наставници и стручни работници јод правата предвидени во член 70 од Законот за основното образование што не е допуштено во смисла на член 86 од Законот за работните односи, со што се создава и нееднаквост меѓу вработените во основното образование.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.129/96)