Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 јули 1996 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Упатството за постапката за издавање на одобрение за адаптација (пренамена) и за решение за употреба на адаптација (пренамена) на постојните објекти со што се адаптира (пренаменува) одреден простор за вршење на соодветна дејност, донесено од министерот за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, на 7 април 1995 година, а објавено во (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/96).
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесени иницијативи од Валентино Софијанов од Титов Велес и Светозар Георгиевски од Скопје, со Решение У.бр.30/96 од 12 јуни 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста на Упатството означено во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот, Законот за органите на управата и Законот за трговијата.
4. На седницата Судот утврди дека со оспореното упатство се пропишува постапката според која треба да се одвива издавањето одобренија и решенија за адаптација (пренамена) на постојните објекти за вршење на соодветна дејност.
5. Според член 8 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Носител на законодавната власт, според член 61 од Уставот е Собранието на Република Македонија, кое, според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, донесува закони и дава автенично толкување на законите. Носител на извршната власт, според член 88 од Уставот е Владата на Република Македонија, која согласно член 91 од Уставот, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите. Според член 95 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон. Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Од наведените уставни одредби, произлегува дека организацијата и работата на органите на државната управа, а во тие рамки и нивните надлежности, се утврдуваат со закон, имајќи ја предвид нивната уставна положба, како дел од извршната власт.
Според член 2 став 1 од Законот за органите на управата, функциите на управата во рамките на правата и должностите на Републиката ги вршат министерствата и другите органи на управата, а според член 4 од овој закон, тие, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законот. Според член 19 став 2 од Законот, покрај дригите работи за кои се овластени, органите на управата донесуваат прописи за извршување на законите, другите прописи и општи акти, кога за тоа се овластени со закон, друг пропис и општ акт. Таквите овластувања за функционерите кои раководат со органите на управата да донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите, се утврдени и во член 160 од Законот, но само ако за тоа се овластени со тие закони, прописи односно акти. Со член 161 од Законот се определува содржината на правните акти на органите на управата, при што со ставот 3 од овој член, се уредува дека со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и другите прописи и општи акти, а со член 164 од Законот се потенцира дека со прописите на функционерот кој раководи со органот на управата не можат за граѓаните, претпријатијата, установите и за другите организации и заедници да се установуват права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на органите.
Од наведените законски одредби произлегува дека органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуваат законски одредби заради нивно извршување, при што законот на чие извршување тие се однесуваат, мора да ги содржи основите за уредување на односите, како и рамките на овластувањето на органот на државната управа.
Во конкретниот случај, за донесување на оспореното упатство, во услови на немање на основ од материјален закон, министерот за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, се повикува на член 138 од Законот за органите на управата, не почитувајќи го и делот од одредбата на овој член, според кој тој може да донесува прописи и други акти, но за кои е овластен.
Тргнувајќи од напред наведеното, Судот смета дека оспореното упатство е донесено без посебен законски основ и е надвор од овластувањата што ги имал неговиот донесувач, поради што оцени дека тоа не во согласност со Уставот, Законот за органите на управата и Законот за трговијата.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.30/96)