326/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 7о алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 јули 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 11 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри на автомати (“Службен весник на СРМ” бр.17/87, 26/87, 51/88, 36/89, 38/89 и “Службен весник на Република Македонија” бр.4/93 и 27/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од БОМАК интернационал Д.О.О. Скопје, со Решение У.бр.326/95 од 15 мај 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означени во точката 1 од оваа одлука.

4. Судот на седницата утврди дека според член 11 став 3 од Законот одобрение не е потребно за приредување на томбола што ја приредуваат општествените организации од член 9 точка 2 и 3 на овој закон за забави и други приредби, доколку добивката се состои во предмети или во право на услуга.

Судот, исто така, утврди дека со Одлука на овој суд У.бр.60/91 од 11 декември 1991 година е укинат член 9 од Законот, затоа што оценил дека не е во согласност со член 55 од Уставот на Република Македонија.

5. Според член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемаштвото, а според став 2, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување. Според ставот 3, слободата на пазарот и претприемаштвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природната и животната средина или на здравјето на луѓето.

Судот смета дека со укинувањето на член 9 од Законот престанале правните односи засновани врз негова основа, а со тоа престанал и основот за исклучување од обврската за прибавување на одобрение за приредување томбола што ја приредуваат општествените организации на забавни и други приредби, доколку добивката се состои во предмети или во право на услуги.

Со оглед на тоа што престанал основот за исклучување од обврската за прибавување одобрение за приредување на томбола што ја приредуваат општествените организации, Судот оцени дека одредбата од ставот 3 на член 11 од Законот не е во согласност со член 55 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.326/95)