164/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеа 3 и член 28 став 1 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јули 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на Одлуката за воведување на месен самопридонес за изградба на водовод во село Злеово, Радовиш, донесена од Месната заедница на село Злеово, Радовиш, на 4 април 1978 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена инцијатива од Стоименов Петко од село Злеово, Радовиш, за оценувањена законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одлука била донесена без лично изјаснување на граѓаните преку референдум, и тоа од страна на Собир на избирачи кој не бил овластен да донесува вакви одлуки.

3. Оспорената одлука веќе била предмет на разгледување пред Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од истиот подносител, при што Судот со Решение У.бр.53/94 од 1 февруари 1995 година ја отфрлил иницијативата, од причини што утврдил дека оспорената одлука била донесена во 1978 година, дека истата била од времен карактер и дека престанала да важи со истекот на рокот од една, односно пет години, согласно член 5 од Законот за општите начела на самопридонесот, поради што немало процесни претпоставки за оценување на нејзината законитост.

4. Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи во предвид дека оспорената одлука веќе била предмет на разгледување пред Уставниот суд, при што Судот донел решение за отфрлање на иницијативата поради непостоење на процесни претпоставки за поведување на постапка, а фактичката и правната состојба не е изменета во конкретниов случај, па нема основ за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.164/96)