Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јули 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за комуналните такси и тарифниот број 12 од Тарифата за комуналните такси, составен дел на Законот (“Службен весник на Република Македонија2 бр.33/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Аце Нацески од Тетово, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од актите означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, наплатата на таксата за користење и одржување на јавното осветлување била во надлежност на Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија”, а преку Заводот за платен промет, се уплатувале во буџетите на општинтие и оттука се плаќала потрошената електрична енергија за јавното осветлување на електродистрибутивните деловни на Јавното претпријатие. Меѓутоа, додека надлежните служби на “Електростопанство на Македонија”, почитувајќи ја законската обврска, веднаш го уплаќале пресметаниот износ на име комунална такса на соодветна сметка, собранијата на општините незаконски располагале со овие средства. Поради нередовната и ненавремената уплата на средствата од страна на општините Јавното претпријатие не било во можност да обезбеди квалитетно јавно осветлување што создавало незадоволство кај граѓаните. Од овие причини подносителот на иницијативата бара да се оцени уставноста на оспорената одредба и предлага средствата на име комунална такса за јавно осветлување да остануваат во електродистрибутивните делови на Јавното претпријатие со што ќе се подигнел квалитетот на одржување на инсталациите за јавно осветлување.
3. На седницата Судот утврди дека според член 7 од Законот во Тарифата за комуналните такси по тарифниот број 11 се додава нов тарифен број 12 кој гласи: за користење и одржување на јавно осветлување се плаќа комунална такса во висина на противвредност од 15 КW по цена за Јавно осветлување за секое броило за мерење на електрична енергија. Наплатата на таксата за користење и одржување јавно осветлување од имателите на броило ја врши Јавното претпријатие за производство, пренесување и дистрибуција на електрична енергија и ја уплатува на соодветна сметка кај институцијата за платен промет во рок од 15 дена по извршената наплата.
4. Со член 33 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Тргнувајќи од наведената уставна одредба законодавецот е долже со законот со кој се утврдува комунална такса, да го определи и начинот на плаќање на таксата. Во случајов, со забелешката од тарифниот број 12 на Тарифата за комуналните такси, составен дел на Законот за комунални такси, законодавецот го уредил прашањето за начинот на наплатата на таксата за користење и одржување на јавното осветлување. Според мислењето на Судот, законодавецот постапил во рамките на уставното овластување поради што оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба со членот 33 од Уставот.
Во поглед на другите прашања што се покренуваат со иницијативата, Судот смета дека Уставниот суд на Република Македонија, согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.90/96)