20/1996-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 јули 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на: член 3 став 1 т.б; член 5 став 1 алинеја 1; член 6 став 2; член 7 став 1; член 10 став 2; член 13 став 1, 4 и 5; член 19 став 1 ; член 40 став 2 и член 46 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Рафаил Черепналкоски адвокат од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите на членовите од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата со одредбата на член 3 став 1 точка б) Законот за судовите востановувал, како цел и функција на судството, унапредување, во рамките на судската функција, на заштитата и почитувањето на човековите права и слободи од што произлегувало дека на судството како псоебна налдежност му е ставено во задача да ја унапредува заштитата и почитувањето на човековите права и слободи. Во остварувањето на функциите судот одлучувал во конкретни случаи и го применувал Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори и не бил овластен да ја унапредува заштитата и почитувањето на човековите права и слободи. Заштитата на човековите права и слободи била содржана во Уставот и законите и не можело да произлегува од конкретни одлуки на судот. Со оглед на тоа што оспорената одредба во Законот била предвидена како функција на судот, судот со повикување на оваа одредба можел да донесува конкретни одлуки кои сами по себе би значеле унапредување на заштитата и почитување на човековите права и слободи, односно да се пресудува со “унапредување”, а со тоа да се исклучи примената на посебниот закон, што не било во согласност со член 98 став 2 од Уставот на Република Македонија.

Членот 4 став 2, како основно начело, воведувал обврска за судот да донесува одлуки засновани на Уставот, законите и меѓународните договори, водејќи сметка и за принципот на правда и правичност што не било во согласност со член 98 став 2 од Уставот, според кој судовите судат врз оснвоа на Уставот, законите, меѓународните ратификувани договори. Правдата и правичноста биле апстрактни појмови и израз на субјективните чувства на човекот и примената на овој принцип од страна на судовите при пресудувањето давал можност за бројни злоупотреби, а посебно давал можност судот да не го почитува Уставот и законите. Примената на овој принцип при пресудувањето овозможувал и да не се применува одреден закон туку конкретната работа да се пресудува по принципот на правда и правичност, а како пак судијата ќе ја чувствувал правдата и правичноста било посебно прашање.

Оспорените одредби на член 5 став 1алинеја 1 и член 7 став 1 од Законот предвидувале сосема нејасен и недефиниран поим – “правно засновани интереси” на граѓаните, но практичната примена на овие одредби овозможувало граѓаните за повреда на совите права да не можат да остварат судска заштита. Поточно, судот можел, пред да одлучува мериторно по конкретно барање на граѓанинот, да не допушти пристап на граѓанинот пред судот, со образложение дека интересот на граѓанинот не му е правно заснован. Всушност овие одредби налагале обврска на судот претходно да ја оценува правната заснованост на интересот на граѓанинот како услов за пристапување кон судот што не било во согласност со член 50 став 1, член 98 став 2 и 5 од Уставот.

Со тоа што со оспорената одредба на член 10 став 2 од Законот, Законот за судовите ги утврдил начелата на постапките, бил повреден член 98 став 5 од уУставот, затоа што за тоа немал уставно овластување и со тоа ги ограничил посебните закони за постапките обврзувајќи ги со утврдените начела. На тој начин Законот за судовите попримил карактер на процесен закон и создал обврска за идните закони за постапките да се вградуваат начела што на тие закони не им биле својствени.

Оспорената одредба на член 11 став 1 од Законот забранувала јавно истапување заради влијание врз текот на исходот на судската постапка но влијанието било недефинирано однсоно ваквото нецелосно дефинирање допуштало арбитрерност и субјективна оцена за тоа дали постои цел за влијание врз судската постапка. Слободата на говорот и јавниот настап биле утврдени во Уставот како основни слободи и права и тие можеле да се ограничат само со Уставот поради што оваа одредба не била во согласност со член 16 став 2 од Уставот.

Оспорената одредба од член 13 став 1 од Законот не била во согласност со Уставот затоа што, Уставот не предвидувал судските одлуки да се изрекуваат во името на граѓаните на Република Македонија. Доколку законодавецот сметал на авторитетот на пресудите тие да се темелат врз суверенитетот што произлегува од граѓаните, отворено било прашањето за идентификување на граѓаните во чие име се изрекуваат пресудите затоа што во Република Македонија живееле граѓани кои не биле државјани на Република Македонија. Исто така, оспорената одредба внесувала дилеми кои судски одлуки ќе се изрекуваат во името на граѓаните затоа што поимот судска одлука подразбирал и решенија, процесни решенија и друго.

Оспорените одредби на член 13 став 4 и 5 од Законот не биле во согласност со Уставот затоа што ги ограничувале слободите и правата на граѓаните затоа што судските одлуки не можат да се однесуваат и да бидат задолжителни за физички и правни лица што не биле учесници во постапката.

Со оспорената одредба на член 15 став 1 од Законот се пропишувала забрана за преиспитување на судските одлуки што немало основ во Уставот. Со оспорената одредба на член 15 став 1 од Законот се пропишувала забрана за преиспитување на прависилна кривична пресуда, како и повторување на граѓанската и кривичната постапка. Оспорената одредба спротивно на Уставот забранувала и евентуално донесување на закон, во иднина, за преиспитување на судски одлуки.

Оспорената одредба на член 19 став 1 од Законот пропишувала обврска за правните лица на барање на судот да му се достават податоци, списи и исправи со кои располагаат, а се потребни во постапката што не било во согласност со Уставот затоа што претпријатието, исполнувајќи ја оваа законска обврска можело да претрпи штета и да му се наруши угледот.

Оспорената одредба на член 40 став 2 од Законот обврзувала при изборот на судии и судии поротници да се настојува да се обезбеди соодветна застапеност на националностите во Републиката што не било во согласност со член 9 став 1 од Уставот.

Оспорената одредба на член 46 став 1 од Законот предвидувала за судија поротник да може да биде избран граѓанин со завршено најмалку средно образование што не било во согласност со член 23 од Уставот. Судија-поротник била јавна функција и секој граѓанин имал право да учествува во вршењето на оваа јавна функција.

4. Судот на седницата утврди дека според член 4 став 2 од Законот судовите донесуваат одлуки засновани врз Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, водејќи сметка за принципот на правда и правичност, а според член 11 од овој закон се забранува секој облик на влијание врз судијата во врска со судењето, а посебно јавно истапување заради влијание врз текот и исходот на судската постапка.

На седницата Судот, исто така, утврди дека според член 15 став 1 од законот, ниту со закон, ниту со акт на извршната власт не може да се дозволи преиспитување на судските одлуки или да се менува составот на судот заради влијание врз одлучувањето на судот.

5. Според член 8 од Уставот темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓудругото, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Според член 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на јавното изразување на мислата, а според ставот 2 од овој член се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирње и слободното основање на институциите за јавно информирање. Според ставот 7 од овој член цензурата е забранета.

Со член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Од наведените уставни одредби, имено од основните одредби на Уставот, посебно од членот 8 и одредбите за слободите и правата на човекот и граѓанинот произлегува дека со нив се утврдени темелните вредности на уставниот поредок на Република македонија во чија основа е човекот и граѓанинот со својата слобода и граѓански суверенитет. Основните слободи и права на граѓанинот се дефинирани прецизно и категорично и во нив се инкорпорирани сите значајни меѓународни акти. Сите слободи и права уставно се гарантирани, на прво место според принципот на недискриминација, а потоа и врз начелото на судска заштита на граѓанските права. Таа заштита граѓаните ја остваруваат и пред редовното и пред уставното судство. Уставно предвидените ограничувања на слободите и правата на граѓаните и условите кога тие можат да се ограничат се таксативно наброени во Уставот и нивно ограничување не се допушта со закон или друг подзаконски акт.

Според член 98 од Уставот судската власт ја вршат судовите.

Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз оснвоа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Организацијата на судството е единствена.

Забранети се вонредни судови.

Видовите и надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со член 101 од Уставот е предвидено дека Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.

Според член 102 од Уставот расправата пред судовите и изрекувањето на пресудата е јавна, а според ставот 2 на овој член јавноста може да биде исклучена во случаите утврдени со закон.

Од основните начела на Уставот и од овие уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија судската власт ја конституирал како одвоена независна судска власт. Определувајќи дека судовите судат врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори Уставот го димензионира судењето, делењето на правда и разрешувањето на споровите.

Исто така, и Законот за судовите содржи повеќе одредби со кои се обезбедува независноста и самостојноста на судовите, односно на судиите. Така, во членот 3 од овој закон, меѓу другото, како цел и функција на судството, е предвидено непристрасно применување на правото без оглед на положбата и својството на странките. Понатаму во член 14 од Законот е предвидено дека судијата донесува непристрасни одлуки врз основа на своја слободна оцена на доказите и примена на законот. При одлучувањето врз судијата не може да се вршат какви и да е ограничувања, влијанија, поттикнувања, притисок, закани или мешање, директно или индиректно од кој и да е субјект и поради која да е причина.

Според тоа, и Уставот и законот за судиите содржат правни норми што го обезбедуваат уставното начело за самостојност и независност на судовите.

Исто така, Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката ја утврдил поделбата на државната власт на законодавна извршна и судка (член 8 алинеја 4). Согласно така извршената поделба на власта според членот 98 од Уставот судската власт ја вршат судовите како самостојни независни органи кои судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Оттука се поставува прашањето дали со тоа што судовите судските одлуки ги донесуваат водејќи сметка за принципот на правда и правичност се обезбедува овој уставен принцип, односно дали може да се псотави еднаквост помеѓу принципот на уставност и законитост и принципот на правда и правичност.

Тргнувајќи од уставната и законската определба дека во остварувањето на своите цели и функции судиите се врзани единствено за Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, според мислењето на судот, судовите при донесувањето на одлуките да водат сметка за принципот на правда и правичност, дава можност судијата врз основа на своето субјективно сваќање за правдата и правичноста при пресудувањето да излезе надвород рамките на Уставот, законите и меѓународните договори односно дава можност за необјективно и пристрасно пресудување во конкретните спорови, поради што се постави прашањето за согласност на овој дел од одредбата на член 4 став 2 од Законот со член 98 став 2 од Уставот.

Од уставната гаранција за слободата на говорот и јавниот настап произлегува дека содржината на слободата на јавното изразување на мислата не е ограничена само на човековото мислење како внатрешен психолошки процес, туку се однесува на слободата на човекот она што го мисли за природните и општествените појави јшто го опкружуваат да го соопшти на јавноста. При тоа, за уставната гаранција не е битна содржината на пораката што се искажува со користењето на слободата на јавното изразување и со јавниот настап. Меѓутоа, со оспорената одредба на член 11 став 1 од Законот се забранува секој облик на влијание врз судијата во врска со судењето, а посебно јавното истапување заради влијание врз текот и исходот на судската постапка. Тргнувајќи од содржината на уставната гаранција за слободата на говорот и јавниот настап и дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот пред Судот се постави прашањето за согласноста на оваа оспорена одредба со член 16 став 1, 2 и 3 и член 54 став 1 од Уставот.

Од оспорената одредба на став 1 на член 15 од Законот произлегува забрана со закон да се дозволи преиспитување на судските одлуки со што се забранува со закон да се утврдат условите и начинот за преиспитување на судските одлуки. Според мислењето на Судот, преиспитувањето на судските одлуки е прашање на процесните закони поради што пред Судот се постави прашањето за нејзината соглансост со член 98 став 5 од Уставот.

6. Судот на седницата утврди дека според член 3 став 1 точка б) од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/95), една од целите и функциите на судството е и унапредување, во рамките на судската функција на заштитата и почитување на човековите права и слободи.

Според член 5 став 1 алинеја 1 од Законот судот одлучува во со закон пропишана постапка за правата на граѓаните и правно заснованите интереси, а според член 7 став 1, секој има право на еднаков пристап пред судовите во заштитата на неговите права и правно заснованите интереси.

Во член 6 став 2 од Законот е предвидено дека на граѓаните и другите правни субјекти им се гарантира судска заштита во однос на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според член 10 став 2 од Законот постапката пред судот се заснова особено врз следниве начела: законитост; рамноправност на странките; правичност; јавност; контрадикторност; двостепеност; зборност; усност; непосредност; право на одбрана, односно застапување; слободна оцена на доказите; утврдување на материјалнат авистина, и економичност.

Според член 13 став 1 од Законот судските одлуки се изрекуват во името на граѓаните на Република Македонија. Според ставот 4 од овој член, судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган, а според ствот 5 на овој член секој е должен да ја почитува правосилната и извршната судска одлука под закана на законски санкции.

Според член 19 став 1 од Законот, по барање на судот во вршењето на неговата надлежност, државните органи и другите правни лица се должни без одлагање да му ги достават сите потребни податоци, списи или исправи со кои располагаат, а кои се потребни во постапката.

Во член 40 став 2 од Законот е предвидено дека при изборот на судиите и судиите поротници без да се нарушат критериумите пропишани со закон ќе се настојува да се обезбеди соодветна застапеност на националностите во Републиката, а според член 46 став 1, за судија поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој ужива углед за вршење на оваа функција.

7. Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената состојба.

Со член 15 од Уставот е предвидено дека се гарантрира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, а според член 50 став 2, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Со член 103 став 3 од Уставот е предвидено дека во судењето учествуват и судии поротници кога е тоа утврдено со закон, а според ставот 4 на овој член, судиите поротници не можат да бидат повикани на одговорност за мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Според мислењето на Судот принципот за унапредување, во рамките на судската функција, на заштитата и почитувањето на човековите права и слободи, како една од целите и функциите на судството, предвидено во оспорената одредба на член 3 под б од Законот, подразбира цел и функција на судството како во рамките на целокупната негова функција, така и низ конкретни одлуки да ги заштитува и унапредува човековите права и слободи. Оттука, Судот смета дека оспорената одредба е во рамките на надлежностите и функциите на судството поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со членот 98 од Уставот.

Според мислењето на Судот, несомнено дека судовите одлучуваат и ги заштитуваат правата на граѓаните утврдени со Уставот и законите. Меѓутоа, правно заснованиот интерес на граѓаните се утврдува во постапката по конкретните предмети и смислата на оспорените одредби на член 5 алинеја 1 и член 7 став 1 од Законот е да не го ограничи пристапот на граѓаните пред судовите, туку дека судовите ги штитат само интересите на граѓаните што се заштитени од државата и што се тесно поврзани со правниот поредок на државата, поради што Судот смета дека не може да се постави прашањето за уставноста на овие оспорени одредби.

Со оспорената одредба на став 2 од член 6 од Законот на граѓаните и на другите правни субјекти им се гарантира судска заштита во однос на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции, што вршат јавни овластувања. Несомнено е дека со оваа одредба се гарантира судска заштита на граѓаните на Република Македонија од причини што пристапот кон судовите и заштитата на правата на граѓаните кои не се државјани на Република Македонија се уредува со договори меѓу државите што своја понатамошна разработка ќе најде во посебните закони. Од овие причини Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на овие оспорени одредби со членовите 15 и 50 од Уставот.

Со ставот 1 од член 10 од Законот е предвидено дека постапката пред судот се уредува со закон, а со оспорениот став 2 од овој член се утврдени основните начела врз кои, особено, ќе се заснова постапката пред судот, што претставува обврска за законите со кои ќе се уреди постапката пред судот да се почитуваат и овие основни начела и со кои ќе се уредат поблиску начелата на постапките, начините на нивното остварување и евентуалното отстапување од одделни начела (ставот 3 од членот 10). Според мислењето на Судот основните начела утврдени со оспорената одредба претставуваат нужна рамка за начелата на посебните закони и не го ограничува законодавецот при утврдувањето на начелата за посебните постапки да ги има предвид специфичностите на материјата што се уредува со законите за постапките да утврди начела, како и евентуално да отстапи од одделни начела утврдени со овој закон, на што укажува и ставот 3 од членот 10, поради што не може да се постави прашањето за согласноста со член 98 став 5 од Уставот.

Изрекувањето на судските одлуки во името на граѓаните на Република Македонија (утврдена како принцип во членот 13 став 1), според мислењето на Судот има основа во членот 2 од Уставот, според кој во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и припаѓа на граѓаните, што е основа на слободата и еднаквоста на граѓаните и на нив воспоставен народен суверенитет чии политички израз се институциите на државата односно вршењето на власта, во случајов на судската власт. Поради тоа, Судот смета дека не може да се постави прашањето за нејзината уставност. Кои судски одлуки Судот ќе ги изрекува во име на граѓаните, според мислењето на Судот, е прашање на посебните закони.

Според мислењето на Судот задолжителноста на судските одлуки за сите правни и физички лица и нивната сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган има своја основа во темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните. Ваквата определба на законодавецот е во смисла дека правата на граѓаните заштитени со одлуките на судот се неприкосновени и дека секој треба да се воздржува од нивна повреда. Од овие причини Судот смета дека не може да се постави прашањето за нивната уставност.

Во поглед на оспорениот став 1 на член 19 од Законот, Судот смета дека докажувањето пред судот не се одвива само со активност на странките, туку и со истовремена активност на судот. Во утврдувањето на материјалната вистина судијата при судењето на конкретен предмет мора да има не само слобода во оценката на доказите, туку и слобода во оценката кои докази се потребни и корисни за донесување на праведна одлука, како и можност самиот да пристапи кон нивно прибавување и изведување. Во таа смисла оспорениот член, на барање на судот во вршењето на неговата надлежност, државните органи и другите правни лица се должни да му ги достават сите потребни податоци, списи или исправи со кои располагаат, а кои се потребни во постапката. Државните органи и претпријатијата можат да го одбијат покажувањето или доставувањето на своите списи, односно да бараат да не се објавуваат податоци кои се однесуваат на нивното работење. Исто така, Судот смета дека оспорената одредба претставува само начело кое ќе најде своја разработка и во посебните закони за постапката пред судовите. Од овие причини Судот смета дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба.

Според мислењето на Судот оспорената одредба на член 40 став 2 од Законот, според која при изборот на судиите и судиите поротници, без да се нарушат критериумите пропишани со закон да се настојува да се обезбеди соодветна застапеност на припадниците на националностите, има насочувачки карактер и не претставува обврска за Собранието на Република Македонија во секој случај при изборот на судиите да обезбеди соодветна застапеност на припадниците на националностите, односно не значи приоритет на припадниците на националностите при изборот на судиите. Од овие причини Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оваа оспорена одредба со член 9 од Уставот.

Тргнувајќи од уставната положба на судовите како посебни, самостојни органи кои судат само врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори во согласност со Уставот, вршењето на судската функција е условено со поседување на посебни стручни способности. Во таа смисла, според мислењето на Судот, законодавецот е овластен да ги утврди посебните услови за вршење на судската функција.

Тргнувајќи пак, од карактерот на судиската функција на поротник како јавна функција, според мислењето на Судот, законодавецот е овластен да ги пропише и посебните услови за вршење на оваа функција, во случајов најмалку завршено средно образование како услов за нејзиното успешно вршење. Исто така, според мислењето на Судот, со оглед дека е во прашање јавна функција таа не може да се врши без минимум образование потребно за нејзино извршување и затоа потполна рамноправност во смисла на член 9 од Уставот не е ни можна. Поради тоа, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со членот 9 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.20/96)