Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 јули 1996 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на парцијални измени и дополнувања на делови од детални урбанистички планови во град Куманово бр.09-529/1, донесена од Собранието на Општина Куманово на 12 јуни 1995 година.
2. СЕ УКИНУВА решението по предметот У.бр.112/96 за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што ќе бидат преземени врз основа на актот означен во точката 1 од оваа одлука донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 5 јуни 1996 година.
3. Оваа одлука произведува аправно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.112/96 од 5 јуни 1996 година поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со закон.
5. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се предвидуваат повеќе парцијални измени и дополнувања на делови од деталните урбанистички планови и тоа на следните улици: ул.”Јоско Илиевски”, “Октомвриска Револуција (лок.У.З.”Перо Наков” и Локалитет водовод I и II), “Васил Драгомански”, “Народна Револуција”, раскрсницата на ул.”Кирил и Методиј” со ул.”Н.Револуција”, “Лесковачка”, “Боро Прцан”, “Сава Ковачевиќ”, “Војо Карастојанов”, “Доктор рибар” (Поток “Серава”), “Теофан Економов”, ” III МУБ”, “Јован Поповиќ” (дополна на одредби за реализација), “Боро Соколов”, простор помеѓу ул.”Браќа Рибар” и ул.”Моша Пијаде” (локалитет стар СОК), ул.”VII” (Нас.Железничка станица), “Тоде Думба”, “Кузман Јосифовски – Питу” и “Карадачки одреди”.
Измените и дополнувањата се однесуваат на надградби, доградби и проширување на габаритот на објектот во рамките на сопственото градежно подрачје, а на ул.” III Македонска ударна бригада” се предвидува изградба на бензинска пумпа.
Во извештајот за одржаната јавна расправа е означено дека планот бил изложен во просториите на подрачната единица на Министерството за урбанизам и дека јавната расправа траела од 14 јуни до 28 јуни 1995 година и дека по јавната расправа пристигнале повеќе приговори на дел од ул.”Јоско Илиевски” кои се однесувале претежно на имовинската состојба, па до нивно разрешување истиот е повлечен. На останатите делови, меѓу кои и ул.” III Македонска ударна бригада”, не пристигнал ниту еден приговор.
Судот утврди дека граѓаните на Куманово биле известени за одржувањето на јавната расправа дури на 23 јуни 1995 година, што значи јавната расправа била започната од 14 јуни 1995 година и траела до 28 јуни 1995 година, а граѓаните имале можност да ги дадат своите забелешки само 5 дена односно од 23 јуни до 28 јули 1995 година. Согласноста од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина била дадена на 10 јуни 1995 година.
6. Во член 19 од Законот за измени и дополнувања на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/90) кој важеше во време на донесување на урбанистичкиот план, се определува урбанистичкиот план да се изработува во две фази: нацрт на план и предлог на план, при што, нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа, која трае најмалку 15 дена, а забелешките на граѓаните се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Врз основа на забелешките што ќе се прифатат се подготвува предлог на план. Понатаму, во член 22 од Законот се предвидува предлог-урбанистичкиот план да се доставува на собранието на општината, заедно со извештајот од јавната расправа и образложението на забелешките кои не се прифатени, а според член 23 став 2 од Законот, урбанистичкиот план за подрачјето на општината го донесува собранието на општината.
Од изнесените законски одредби произлегува обврска за доносителот, нацрт-урбанистичкиот план да го стави на јавна расправа пред граѓаните најмалку 15 дена, а граѓаните имаат право да дадат забелешки на предвидените решенија.
Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба и одредбите на законот кој важел во време на донесување на одлуката јавната расправа треба задолжително да трае најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани треба да доставуваат писмени забелешки на анкетни листови. Притоа, суштествен елемент на самата јавна расправа е благовременото известување на граѓаните за местото и времето на одржувањето на јавната расправа. Благовременото известување според мислењето на Судот значи известување пред самиот почеток на излагањето на траење на расправата. Во спротивно со секое подоцнежно извествување на граѓаните за план кој е веќе изложен се сскратува рокот на траењето на јавната расправа предвиден во законот.
Самото излагање на планот во определени простории без благовремено известување на граѓаните, според мислењето на Судот е како по нацрт-планот воопшто да не се води јавна расправа, затоа што е исклучено присуството на граѓаните.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај граѓаните не биле благовремено известени за текот и одржувањето на јавната расправа односно јавната расправа била сведена на траење од само 5 дена, а не 15 дена, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со означените одредби што важеле во време на донесувањето на одлуката,
7. Со оглед на тоа што донесе конечна одлука, Судот согласно член 27 од Деловникот одлучи да ја укине времената мерка.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.112/96)