147/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 јули 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 став 1 и 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Димитар Секуловски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 1 став 1 и 2 од законот означен во точката 1 од ова решене, затоа што оспорениот член од Законот ја менувал уставната улога на вооружените сили поради тоа што вооружените сили ги третирал како еден од учесниците во одбраната на независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија покрај другите учесници, што не било во согласност со член 122 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 1 од Законот за одбрана, одбраната на Републиката се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, а според ставот 2 одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како армија на Република Македонија.

4. Според член 28 од Уставот, одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин. Остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.

Според член 122 од Уставот, вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката. Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од наведените уставни одредби произлегува дека со Устав се воспоставуваат вооружени сили како инструмент за обезбедување на основните општествени вредности, пред се за заштита на територијалниот интегритет и независноста на земјата.

Понатаму, тргнувајќи од фактот дека Уставот на Република Македонија на централно место го поставува граѓанинот, правото и должноста за одбрана на земјата од страна на нејзините граѓани има своја уставна основа и гаранција. При тоа, ова право и должност според Уставот се на исто рамниште со другите граѓански и политички права. Своето право на одбрана граѓаните го остваруваат со активно учество во одбранбениот систем на Републиката и тоа не само како припадници на вооружените сили туку имаат и големо политичко влијание врз неговото креирање и функционирање што се остварува преку нивните претставници во Собранието, како и низ јавното мислење.

Значајното место на граѓаните во одбраната на државата е уредено и со членот 19 од Законот за одбрана во кој армијата на Републиката е дефинирана како вооружена сила на сите граѓани, што секако е во согласност со концептот на граѓанското општество во Република Македонија.

Во контекстот на материјата за одбраната, е и уставната одредба содржана во членот 123, според кој никој нема право да признае окупација на Република Македонија или на нејзин дел, со што уште повеќе се истакнува природното право на секој граѓанин на одбрана на државата.

Имајќи предвид дека согласно Уставот, одбраната се уредува со закон и дека покрај вооружените сили значаен сегмент на одбраната се и граѓаните, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 1 став 1 и 2 од Законот за одбрана со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.147/96)