13/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 јуни 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за откуп на становите од станбениот фонд на ЈНА донесен од сојузниот секретар за народна одбрана (“Службен воен лист” бр.9/91).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива од адвокатот Пано Димитровски од Скопје, со Решение У.бр.13/96 донесено на 13 март 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста на аправилникот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Републкика Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека со означениот правилник е предвидено дека стан од станбениот фонд на ЈНА може да се откупи под условите утврдени со одредбите на Законот за станбено обезбедување во ЈНА и со одредбите на Правилникот за становите во ЈНА, на начин пропишан со овој правилник (член 1). Во понатамошните одредби од Правилникот е пропишано кој поднесува барање за откуп на стан, до кого се поднесува барањето, во кој рок надлежниот орган треба да се изјасни по барањето. Понатаму, во Правилникот е утврден начинот на определување на откупната цена на становите, при што во член 5 став 2 е предвидено дека откупната цена на станот се намалува за ревалоризираниот износ на станбениот придонес кога станот го купува лице од член 21 став 2 од Законот за станбено обезбедување во ЈНА.

Во член 8 од Правилникот е предвидено кога стан од станбениот фонд на ЈНА откупува лице носител на станарско право, а кое не е лице од член 21 од Законот, откупната цена на станот се утврдува според одредбите на Упатството за методологијата за утврдување на откупната цена на становите на станбениот фонд на ЈНА, без намалување по основ на станбен придонес. Ревалоризираниот износ на трошоците за прибавување и за комунално опремување на земјиштето за лицата од претходниот став не се утврдува доколку со републички закон носителите на станарското право на становите од општествениот фонд при откупот на станот се ослободени од тие трошоци, а во спротивно се утврдуваат и засметуваат во цената на станот. Откупната цена на станот за лицата од став 1 на овој член може да се намали и на начин пропишан во член 6 од овој Правилник. Во натамошните одредби на правилникот е уредено прашањето за начинот на отплата на откупната цена на станот во готово и на рати и е определен начинот на отплата на неотплатениот дел од откупната цена на станот.

Оспорениот правилник е донесен врз оснвоа на член 21 став 3, член 28 став 2 и член 36 од Законот за станбено обезбедување во ЈНА и согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот е преземен како републички пропис.

5. Според член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија.

Според член 6 од овој уставен закон законите што не се во согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија ќе се усогласат во рок од една година од денот на прогласувањето на Уставот.

Понатаму, според член 51 од Уставот во Република Македонија законите и другите прописи мораат да бидат во согласност со Уставот.

Од изнесените одредби произлегува можност сојузните закони и другите сојузни прописи да се применуваат во Република Македонија, како републички прописи, при што е предвидена и уставна обврска тие да бидат во согласност со Уставот на Република Македонија.

Во Уставот на Република Македонија станарското право веќе не е предвидено како институт и основ за остварување на одредени права, кои произлегуваа од општествената сопственост која Уставот веќе не ја познава туку бара нејзино трансформирање во одреден вид на сопственост.

Според Уставот на Република Македонија одбраната има посебно значајно место и се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Одбраната на Република Македонија, според Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92), покрај граѓаните и органите на државната власт ја остваруваат и вооружените сили како армија на Република Македонија.

Тргнувајќи од член 9 и член 32 од Уставот, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, не постои уставна можност за различен третман на вработените во армијата, од причини што според член 9 став 2 граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со оспорениот Правилник се уредуваат односи во остварувањето на одредени права врз основа на станарското право и тоа во поранешна ЈНА која повеќе не постои, се уредува статусот на станбениот фонд на ЈНА, кој исто така веќе не постои, затоа што истиот стана државна сопственост и се утврдуваат поповолни услови за продажба на становите на поранешна ЈНА од условит епредвидени за продажба на становите на Република Македонија што беа во општествена сопственост.

Исто така, имајќи ја предвид уставната одредба за еднаквост на граѓаните и фактот што според член 8 од Правилникот лицата кои добиле воен стан но кои во моментот на откупувањето на станот не се вработени во Армијата и немаат право на повластени услови за откуп на тој стан, Судот оцени дека со тоа се создава нееднаквост меѓу носителите на станарското право на стан од станбениот фонд на ЈНА, зависно од моменталната општествена полоѓба на носителите на станарското право на ваков стан.

6. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека означениот правилник не е во согласност со наведените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.13/96)