260/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 26 јуни 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија, склучен помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/92, 45/92, 81/93 и 1/95), во целина и посебно на член 1-в, член 7-а став 1 алинеи 2 и 3, член 7-ѓ, член 10-б став 3, член 17 став 1 алинеја 9, член 24-а, член 24-б, член 24-в, член 24-г, член 24-д, член 24-ѓ, член 29, член 30, член 32, член 47, член 51-г, член 73 став 1 и 3, член 86 став 1, член 87 став 2, член 105 став 2, член 106-б, член 106-г став 1, член 106-и став 2, член 106-с став 2.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 71 став 1, член 106-к, и член 106-л став 1 од колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување согласноста на член 24-ж став 2 и на член 71 став 1 од означениот колективен договор со одредбите од Општиот колективен договор за нестопанството.

4. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Петрачко Анастасов од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение, затоа што тој акт, во целина и во одделните одредби, не бил во согласност со Уставот на Република Македонија и со Законот за работните односи.

5. На седницата Судот утврди дека оспорениот колективен договор, со сите изменувања и дополнувања, е склучен помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија, од една страна, и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија, од друга страна.

Понатаму, Судот утврди дека основ за донесување на основниот текст од Колективниот договор (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/92 од 23 јануари 1992 година), како и неговите две изменувања и дополнувања (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/92 од 27 јули 1992 година и бр.81/93- од 31 декември 1993 година) е член 85 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр. 60/89 и 42/90), кој важел во време на нивното донесување и според кој грански колективен договор за организациите од областа на општествените дејности склучуваат надлежниот орган на општествено-политичката заедница и надлежниот орган на синдикатот. Но, сега таа законска одредба не важи а, според член 89 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95), кој важи сега, грански колективен договор склучуваат надлежната организација на работодавците и надлежната организација на синдикатот , со тоа што, според член 147 од Законот, колективните договори склучени пред донесувањето на овој закон се усогласуваат со Законот во рок од три месеци, односно до 6 април 1994 година.

Имајќи предвид дека Министерството за здравство на Република Македонија, кое е потписник на оспорениот колективен договор, не може да се смета за организација на работодавците, како што утврдува Законот и имајќи предвид дека рокот за усогласување на порано склучените колективни договори со Законот изминал, пред Судот се постави прашањето дали оспорениот колективен договор и наведените две изменувања и дополнувања се во согласност со член 89 од Законот за работните односи со оглед на тоа што се склучени од Министерство за здравство наместо од организација на работодавците од областа на даватели на здравствени услуги. Исто така, Судот утврди дека основ, за склучување на Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствена дејност на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.1/95), склучен помеѓу наведеното министерство и Синдикатот но после влегувањето во сила на Законот за работните односи, е член 147 од Законот, која, пак, одредба не пропишува овластување за никого, туку само определува рок за усогласување на порано донесените колективни договори со Законот. Според тоа, и за овој Колективен договор пред Судот се постави прашањето дали е во согласност со член 89 од Законот за работните односи со оглед на тоа што е склучен од Министерството за здравство наместо од организација на работодавците кои се вршители на здравствената дејност.

6. Освен тоа, Судот на седницата утврди дека Колективниот договор не е регистриран во Министерството за труд и социјална политика пред да се објави.

Според член 92 став 1 од Законот за работните односи, гранските колективни договори и нивните изменувања и дополнувања се регистрираат во органот на државната управа надлежен за работите на трудот и се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”. Инаку, целта на наведеното регистрирање е оцена на Министерството за труд и социјална политика за согласноста на гранскиот колективен договор со закон или општ колективен договор, па неотстранувањето на неусогласените одредби е причина за покренување постапка од функцонерот на органот на државната управа за оцена на законитоста пред надлежниот суд (член 93 од Законот).

Со оглед на тоа што Колективниот договор не е регистриран во органот на државната управа надлежен за работите на трудот, пред Судот се постави прашањето за неговата согласност со наведените законски одредби.

7. Понатаму, Судот утврди дека во член 7-а став 1 алинеја 3, член 10-б став 3, член 17 став 1 алинеја 9, член 24-ѓ, член 47, член 51-г, член 86 став 1, член 87 став 2 и член 105 став 2 од Колективниот договор се предвидува определени права и обврски на работниците да се уредуваат со акти на работодавецот. Така, се предвидува:

– дека проверка на способноста за вршење на одредени работни задачи се обавува на начин утврден со акт на работодавецот (член 7-а став 1 алинеја 3);

– дека начинот на стручното оспособување на приправникот, неговото следење и оценување се уредува со акт на работодавецот (член 10-б став 3);

– дека работникот може да биде распореден на секое работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка во случаеви утврдени со акт на работодавецот (член 17 став 1 алинеја 9);

– дека распоредот на работното време се утврдува со акт на работодавецот (член 24-ѓ);

– дека работодавецот е должен, со сопствен акт, да обезбеди услови за безбедна работа (член 47);

– дека работодавецот е должен да обезбеди посебна заштита на жената, млоадината, инвалидните работници согласно закон и посебен општ акт (член 51-г);

– дека работниците со посебни овластувања и одговорности се утврдуваат со општ акт на организацијата (член 86 став 1);

– дека височината на надоместокот на плата за време на годишен одмор, празници, отсуство, се утврдува со општ акт (член 87 став 2);

– дека за време на штрајк вработените имаат право на надометок согласно овој колективен договор односно општ акт (член 105 став 2);

Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори. Исто така, согласно член 2 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95) работниот однос се уредува со овој или со друг закон и колективен договор.

Со оглед на тоа што со напред наведените одредби од Колективниот договор се предвидува определени прашања да се уредуваат со акти на работодавецот, а не само со закон и колективни договори, пред Судот се постави прашањето за нивната согласност со означените уставни и законски одредби.

8. Судот, исто така, утврди дека со член 1-в од Колективниот договор се определува тој да се применува непосредно и да е задолжителен за сите работници и работодавци во здравствената дејност во чие име е склучен.

Според член 84 од Законот за работните односи, со колективен договор се доуредуваат, во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот од работен однос (став 1), при што колективниот договор се применува непосредно и е задолжителен за организацијата на работниците и на работодавците кои го склучиле и за сите работници и работодавци во чие име договорот е склучен (став 2).

Со оглед на тоа што со член 1-в од Колективниот договор се предвидува тој да е задолжителен само за работниците и работодавците во здравствената дејност во чие име е склучен, а не и за организацијата на работниците и на работодавците кои го склучиле, пред Судот се постави прашањето за согласноста на означената одредба од Колективниот договор со наведената законска одредба.

9. На седницата Судот утврди дека во член 7-а став 1 алинеја 2 од Колективниот договор се определува да се врши проверка на способноста за обавување на работите на определено работно место, ако е тоа утврдено како услов за засновање на работен однос, а тоа го врши работодавецот односно органот кој го овластил и тоа по пат на следење на извршувањето на работните задачи за период од еден месец”.

Според член 13 од Законот за работните односи, пред донесување на одлука за избор за определено работно место, може да се врши проверка на способноста за вршење на работите на работното место на начинот определен во колективен договор, ако е тоа утврдено како услов за засновање на работен однос.

Тргнувајќи од тоа дека следење на извршувањето на работните задачи подразбира претходно да е заснован работен однос произлегува дека член 7-а став 1 алинеја 2 од Колективниот договор предвидува проверката на способноста на кандидатите да се врши после засновањето на работниот однос, а не пред тоа како што определува Законот, поради што пред Судот се постави прашањето за неговата согласност со наведената законска одредба.

10. Исто така, Судот утврди дека во член 7-ѓ од Колективниот договор се определува договорот за работа да содржи одредби особено за: работите за кои работникот заснова работен однос……, престанок на работниот однос и други права и обврски од работен однос, во согласност со закон и овој Колективен договор.

Според член 16 од Законот за работните односи, договорот за работа содржи одредби особено за: работите за кои работникот заснова работен однос……., престанокот на работниот однос и други права и обврски од работен однос во согласност со законот и колективниот договор.

Имајќи предвид дека колективен договор се склучува на ниво на Република, гранка односно работодавецот (член 87 од Законот за работните односи), произлегува дека член 7-ѓ од Колективниот договор ја стеснува можноста, пропишана во изнесената законска одредба, во договорите за работа да се уредат и други права и обврски помеѓу работникот и работодавецот во согласност со закон, покрај оние уредени со закон. Тоа се прави на тој начин што се определува дека во договорите за работа можат да се уредат само правата и обврските утврдени со закон и овој колективен договор, а не и со друг колективен договор, поради што пред Судот се постави прашањето за согласноста на одредбата од Колективниот договор со наведената одредба од Законот.

11. Понатаму, Судот утврди дека во членовите 24-а, 24-б, 24-в, 24-г и 24-д од Колективниот договор се предвидува:

– дека работодавецот има обврска да обезбеди континуирана здравствена заштита во текот на 24 часа и во сите денови на седмицата (член 24-а);

– дека работодавецот има обврска да ги утврди работните места на кои се работи во смени, како и бројот на работниците во секоја смена, во саботите, неделите и на државните празници (член 24-б);

– дека работното време во првата смета трае од 7-15 часот, во втората од 15-23 часот и во третата смена од 23-07 часот (член 24-в);

– дека работодавецот има обврска да распореди здравствени работници во смени, а ако со постојниот број на здравствени работници не може да обезбеди континуирана работа, може да воведе дежурство (член 24-г);

– дека работодавецот, кој спроведува болничка здравствена заштита, има обврска да распореди здравствени работници во смени, па доколку нема доволно здравствени работници за континуирана работа во смени и дежурство, може да воведе приправност за одделни работници (член 24-д);

Според член 39 од Законот за работните односи, распоредот, почетокот и завршетокот на работното време во здравството се утврдува со закон или акт на органот на државната управа од соодветната област.

Од изнесената законска одредба произлегува дека работното време во здравството не е материја која се уредува со колективен договор.

Со оглед на тоа што членовите 24-а до 24-д од Колективниот договор го уредуваат работното време во здравството иако Законот тоа прашање го става во надлежност на законодавецот или на Министерството за здравство, пред Судот се постави прашањето за нивната согласност со изнесената законска одредба.

12. Освен тоа, Судот утврди дека во членовите 29, 30 и 32 од Колективниот договор се предвидува:

– по основ на должината на работното искуство, работникот да има право на следниот број денови годишен одмор: 1 работен ден за работно искуство до 10 години; 2 работни дена за работно искуство до 20 години;………….(член 29);

– по основ на сложеноста на работата, работникот да има право на следниот број денови годишен одмор: 1 работен ден за сложеност на работата која е од III степен; 2 работни дена за сложеност на работа која е од VI степен;……………..(член 30);

– по основ на здравствената состојба, работникот да има право на годишен одмор од 1 работен ден повеќе (член 32);

Според член 43 став 4 од Законот за работните односи, должината на годишниот одмор ја утврдува работодавецот, особено врз основа на: должината на работното искуство, сложеноста на работите на работното место, условите за работа и здравствената состојба. Со грански колективен договор, според став 3 од истиот член на Законот, се определува должината на годишниот одмор само за работниците кои работат под посебни услови на работа.

Имајќи ги предвид изнесените законски одредби, произлегува дека е право на работодавецот да ја утврдува должината на годишниот одмор на работникот зависно од наведените критериуми, а не тоа да се прави со колективен договор, ниту, пак, со колективен договор поблиску да се разработат критериумите утврдени во Законот.

Поради тоа, пред Судот се постави прашањето за согласноста на членовите 29, 30 и 32 од Колективниот договор со означената законска одредба.

13. Понатаму, Судот утврди дека, според член 73 став 1 од Колективниот договор, најниската плата за одделни степени на сложеност се утврдува така што најниската плата за најнизок степен на сложеност се множи со определени коефициенти за одделни степени на сложеност. Според став 3 од истиот член, поединечните работи односно занимањата се класифицираат по групи на сложеност и тоа; занимање од I група на сложеност 1,00 (чистач во административни простории – 1,10, чувар на животни – 1,10; садомијач – 1,13; чистач на здравствени простории – 1,15); занимање од II група на сложеност 1,20 (портир – 1,20; домаќин – 1,23; сервирка – 1,25; болничар-неговател – 1,45); занимање ………………од група VII/1-б на сложеност 4,10 (доктор на медицина – 4,10; примариус – 4,23; помлад асистент – 4,25); занимање од група VII/2-а на сложеност 4,30 (магистер – 4,40; здравствени работници со специјализација – 4,45); занимање од VIII-а група на сложеност 5,20 (доктор на науки – 5,20; доктор на науки-асистент – 5,25); занимање од VIII-б група на сложеност 6,00 (научен соработник – 6,00, доцент – 6,20;………………….редовен професор – 6,90).

Според член 69 став 2 од Законот за работните односи, платата на работникот му се обезбедува од средствата на работодавецот сразмерно на извршената работа, какок и придонесот на работникот во создавањето на добивката, во согласност со условите и критериумите утврдени со закон и колективен договор.

Од изнесената законска одредба, произлегува дека со закон и колективен договор се уредуваат условите и критериумите за утврдувањето на платата на работникот врз основа на кои одлучува работодавецот.

Со оглед на тоа што со член 73 став 1 и 3 од гранскиот колективен договор Министерството за здравство и Синдикатот за здравство ја определува платата на работниците во здравството, а не само условите и критериумите врз основа на кои платата на работникот ќе ја утврди работодавецот, пред Судот се постави прашањето за нивната согласност со наведената законска одредба.

14. На седницата Судот утврди дека, според член 106-б од Колективниот договор, работодавецот може да го ослободи работникот од плаќање надоместок на штетата (1) ако кај тој работодавец дотогаш не е направена штета од работникот, (2) ако штетата е од помал обем, (3) ако штетата е направена заради заштита на здравјето на луѓето и имотот и (4) ако штетата е направена и покрај тоа што работникот преземал се да не дојде до штетата.

Според член 102 од Законот за работните односи, работодавецот може поради оправдани причини да го ослободи работникот од плаќање надомест на штетата во целина или делумно, под условите, случаите и критериумите утврдени со колективниот договор на ниво на работодавецот.

Со оглед на тоа што со член 106-б од гранскиот Колективен договор се уредуваат случаите во кои работодавецот може да го ослободи работникот од плаќање надоместок на штета, а не со колективен договор на ниво на работодавецот, пред Судот се постави прашањето за неговата согласност со означената законска одредба.

15. Исто така, Судот утврди дека во член 106-г став 1 од Колективниот договор се определува работодавецот да може да одлучи работникот кој наполнил 40 години стаж на осигурување или 65 години живот да остане во работен однос под услов ако со огласувањето на потребата за работник односно конкурс не може да се обезбеди работник кој ги исполнува потребните услови.

Според член 108 став 1 точка 5 од Законот за работните односи, работниот однос по сила на закон престанува ако работникот наполнил 40 години пензиски стаж или 65 години живот и најмалку 15 години стаж на осигурување, ако работодавецот, во согласност со условите утврдени со закон и општ колективен договор, не одлучи работникот да остане во работен однос.

Оттука, произлегува дека условите, под кои работодавецот може да го остави работникот во работен однос после 40 години стаж односно 65 години живот, се уредуваат, покрај со закон, и со општ колективен договор, а не со грански колективен договор.

Со оглед на тоа што со член 106-г став 1 од грански колективен договор се уредуваат условите за останување во работен однос на работникот со 40 години стаж или 65 години живот, пред Судот се постави прашањето за неговата согласност со наведениот член од Законот.

16. Понатаму, Судот утврди дека во член 106-и став 2 од Колективниот договор се предвидува со договор за работа да може да се утврдат и други случаи на кршење на работниот ред и дисциплина и на работните обврски .

Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 115 став 2 од Законот за работните односи, со закон и со колективен договор може да се утврдат и други случаи на кршење на работниот ред и дисциплина и на работните обврски.

Оттука, произлегува дека само со закон и колективен договор, а не и со договор за работа, може да се утврдуваат случаите на кршење на работниот ред и дисциплина и на работните обврски.

Поради тоа, за предвидувањето во член 106-и став 2 од Колективниот договор (со договор за работа да може да се утврдат други случаи на кршење ред и дисциплина и на работните обврски) пред Судот се постави прашањето на неговата согласност со наведените уставни и законски одредби.

17. Освен тоа, Судот утврди дека во член 106-с став 2 од Колективниот договор се определува должината на отказниот рок да зависи од должината на работниот стаж и тоа: 1 месец за стаж до 5 години; 2 месеци за стаж до 10 години; 3 месеци за стаж до 10 години; 4 месеци за стаж до 15 години; 5 месеци за стаж до 20 години и 6 месеци за стаж над 25 години.

Според член 121 став 1 од Законот за работните односи, отказниот рок не може да биде пократок од 30 дена ниту подолг од 3 месеци во зависност од должината на работниот стаж и причините за отказ, согласно со колективниот договор.

Од изнесената законска одредба произлегува дека (1) отказниот рок не може да трае повеќе од 3 месеци, како и дека (2) зависи од должината на работниот стаж и причините за отказ.

Со оглед на тоа што со член 106-с став 2 од Колективниот договор се предвидува отказниот рок да изнесува повеќе од 3 месеци и да не зависи од причините поради кои е поднесен отказ, пред Судот се постави прашањето за неговата согласност со означената законска одредба.

18. На седницата Судот утврди дека во член 71 став 1 од Колективниот договор се определува најниската плата за најнизок степен на сложеност месечно ја утврдуваат и објавуваат потписниците на овој колективен договор, најмалку еднаш квартално.

Со член 70 од Законот за работните односи се утврдува дека платата на работникот не може да биде пониска од најниската плата утврдена за одделни степени на сложеност според закон или колективен договор.

Од изнесената законска одредба произлегува дека најниската плата се утврдува според законот или колективниот договор, при што не е определено нивото на колективниот договор со кој ќе се утврди најниската плата (општ, грански или кај работодавецот). Поради тоа, определувањето во член 71 став 1 од Колективниот договор, најниската плата да се утврди од потписниците на гранскиот колективен договор, Судот смета дека не е во несогласност со означената законска одредба.

19. Понатаму, Судот утврди дека во член 106-к од Колективниот договор се предвидува пред престанокот на работниот однос на работникот со отказ работодавецот да е должен да побара од работникот писмено да се изјасни за причините за престанок на работниот однос со отказ.

Според член 110 став 1 од Законот за работните односи, работниот однос со отказ од страна на работникот престанува ако писмено изјави дека сака да му престане работниот однос.

Имајќи го предвид член 110 став 1 од Законот, произлегува дека определувањето од член 106-к на Колективниот договор (работникот да поднесе писмена изјава за причините поради кои бара престанок на работниот однос) не е во несогласност со наведената законска одредба.

20. Исто така, Судот утврди дека, според член 106-л став 1 од Колективниот договор, одлука за престанок на работниот однос со отказ донесува работодавецот или Управниот одбор.

Според член 109 од Законот за работните односи, работниот однос престанува со отказ даден од страна на работникот или работодавецот, под условите утврдени со закон и колективен договор.

Од оваа законска одредба произлегува дека, покрај со закон, и со колективен договор може да се уредуваат условите, а во тие рамки и субјектот кој одлучува, за престанок на работниот однос со отказ.

Поради тоа, Судот смета дека, определувањето во член 106-л став 1 работодавецот или управниот одбор да одлучува за престанок на работниот однос со отказ, не е во несогласност со член 109 од Законот за работните односи.

21. Што се однесува, пак, до наводите во иницијативата за несогласноста на член 24-ж став 2 од оспорениот колективен договор со член 15 од Општиот колективен договор за нестопанството, како и на член 71 став 1 од оспорениот колективен договор со членовите 32 и 34 став 2 од Општиот колективен договор за нестопанството, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата во наведениот дел, затоа што, според член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува за согласноста на грански со општ колективен договор.

22. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

23. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.219/95 и 260/95)