Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 јуни 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 34 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 34 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување “Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95), во поглед на овластувањето на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија да го определува најнискиот износ на старосната пензија.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбата на член 34 став 2 од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се ограничувало и намалувало уставното право на граганите на социјално осигурување и социјална сигурност затоа што висината на најнискиот износ на старосната пензија не била определена соодветно на висината на пензијата определена според пензискиот стаж. Во членовите 4, 33 и 36 од Законот висината на пензијата се определувала според пензискиот стаж, па според тоа оспорената одредба не била во согласност и со овие законски одредби.
Според член 34 од Уставот на Република Македонија правата од пензиското осигурување биле утврдени со закон и колективен договор од што произлегувало дека законодавецот не можел со Законот да го овласти Фондот со општ акт да го определи најнискиот износ на старосната пензија.
Со иницијативата се бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба.
4. Судот на седницата утврди дека според ставот 1 на член 34 од Законот осигуреникот кој ги исполнува условите за стекнување право на старосна пензија има право на најнизок износ на старосна пензија, а според оспорената одредба на став 2 од овој член најнискиот износ на старосната пензија го определува Фондот со општ акт од просечната плата остварена во Републиката во предходната година и тоа: за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 35 години (маж), односно над 30 години (жена) најмалку во висина од 60%; за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 25 години (маж), односно над 20 години (жена), најмалку во висина од 55% и за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж до 25 години (маж), односно 20 години жена, најмалку во висина од 50%.
Според ставот 3 од овој член на Законот пензиите од став 2 на овој член, во текот на годината се усогласуваат со процентот со кој се усогласуваат другите пензии.
5. Со членот 34 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека граганите имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а според ставот 1 на членот 35 од Уставот Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граганите согласно со начелото на социјална праведност.
Според член 33 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување старосната пензија се утврдува од пензиската основа во проценти определени зависно од должината на пензискиот стаж (во продолжение на оваа одредба се утврдени процентите во зависност од пензискиот стаж), а според ставот 2 на оваа одредба од Законот старосната пензија не може да изнесува повеке од 80% од пензиската основа (процент за 35 години пензиски стаж (жена), односно за 40 години пензиски стаж (маж).
Според мислењето на Судот најнискиот износ на пензијата е во функција на остварувањето на уставната гаранција за социјална сигурност на граганите што обезбедува минимум егзистенција, а што е поповолно за граѓаните. Отука произлегува и правото на законодавецот да ја утврди и висината односно основицата и процентот за определување на најниската пензија. Исто така, Судот смета дека најнискиот износ на пензијата не е резултат само на вложувањата на осигурениците во пензискиот фонд, туку произлегува и од уставната гаранција за социјална сигурност, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба и одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Судот на седницата утврди дека со Решение у.бр.6/94 од 25 октомври 1994 година не повел постапка за оценување уставноста на оспорената одредба од аспект на овластувањето на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија да ја определува најниската старосна пензија. При тоа, Судот утврдил дека општиот акт на Фондот со кој се определува најниската граница на старосната пенција изворно не ги уредува условите што осигуреникот треба да ги исполнува за здобивање на правото на старосна пензија, туку ја регулира само техниката на пресметувањето на овој вид пензија врз основа на критериумите предвидени во Законот, поради што оцени дека општиот акт на Фондот нема нормативен карактер, односно дека членот 34 став 2 кој го овластува Фондот со општ акт да ја утврди најниската граница на старосната пензија е во согласност со Уставот на Република Македонија.
Со оглед на тоа што Судот одлучувал по истото прашање, а нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Во поглед на наводите на иницијативата дека оспорената одреба од Законот не била во согласност со членовите 33 и 36 од овој закон, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за мегусебната согласност на законските одредби.
8. Од причините изнесени во решението Судот оцени дека не постои основ Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бхри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.132/96)