Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 28 став 1 алинеја 2 Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 јуни 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 74-а став 2 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91, 46/93 и 55/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Благој Манаковски и други граѓани од Битола му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 74-а став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него било предвидено уставното право на граѓаните за здравствена заштита утврдено со членот 39 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 74-а став 2 од Законот за здравствена заштита за осигурениците на кои Фондот ќе утврди дека редовно не е уплатен придонесот или уплатата задоцнила повеќе од 60 дена, правата од здравственото осигурување на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување им се ускратуваат, освен правото на итна медицинска помош, а ускратените права повторно им се воспоставуваат со денот на намирувањето на сите пристигнати, а не уплатени обврски.
4. Судот, исто така, утврди дека одлучувал за уставноста на членот 74-а став 2 од Законот и со Решение У.бр.26/96 од 12 јуни 1996 година не повел постапка, бидејќи Уставот само утврдил право на социјално осигурување и го гарантирал правото на здравствена заштита, а условите, начинот и обемот на правата препуштил да се уредат со закон, во конкретниот случај со Законот за здравствена заштита. Според тоа, законска обврска е да се обезбедат средства за остварување на уставната гаранција за правото на здравствена заштита преку уплата на придонес за здравствено осигурување во Фондот за здравствено осигурување. Според мислењето на Судот, принципот на солидарност и взаемност воспоставен со Законот се состои во различните вложувања на осигурениците во Фондот за здравствено осигурување, а не и во изедначувањето на правата на осигурениците без оглед дали се исполнети обврските за плаќање на придонесот.
5. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што Судот ја ценел уставноста на член 74-а став 2 од Законот, а нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.95/96).