77/1996-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 јуни 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнувања на деталните урбанистички планови од помал обем на подрачјето на Општина Прилеп број 02-1351/1 од 19 март 1986 година, донесена од Собранието на Општина Прилеп.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Решението за измена на намената на дел од објектот во населбата “11-ти Октомври” во Прилеп број 4036/1 од 6 ноември 1986 година, донесено од Извршниот совет на Собранието на Општина Прилеп.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Гојко Станковиќ од Прилеп му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата за населбата “11-ти Октомври” во Прилеп бил донесен детален урбанистички план во пропишана постапка. Со Планот била предвидена типизирана населба наменета исклучиво за живеење, со гарантирана здрава и чиста еколошка средина. Меѓутоа, врз основа на оспорената одлука, наместо измени од помал обем се вршеле измени во Деталниот урбанистички план.
Со оспореното решение, донесено врз основа на оспорената одлука била извршена измена на наме ната на цел станбен објект во пекара со што се повредувала сопственоста на другите сопственици на објектите во населбата и нивно мирно владеење со сопственоста.
4. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се утврдени условите за измени и дополнувања на урбанисти чки планови на подрачјето на Општина Прилеп од помал обем во поглед на измена на габаритот на објектите, намената на дел од објектот, доградба и надградба на објектите, нивелационата кота и градежната линија. Понатаму, со Одлуката посебно се утврдени условите за сите видови измени од помал обем.
Според член 24 од Одлуката извршените измени согласно оваа одлука ќе бидат внесени во самите планови.
Со оспореното решение се врши измена на намената на дел од станбениот објект на ул. “Едвард Кардељ” бб, во населбата “11-ти Октомври” во Прилеп, во површина 40,5 м.кв. Според точката 2 од ова решение пренамената ќе се изврши согласно урбанистичката согласност на проектот број 36/86 изработен од Проектанско биро “Градител” во Прилеп. И според точката 3 од ова решение, решението влегува во сила со денот на донесувањето.
5. Според член 38 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85), кој беше во сила за време на донесувањето на оспорената одлука, измени и дополнувања на деталниот урбанистички план од помал обем во поглед на измена на габаритот на објектот, намената на дел од објектот, доградба и надградба на објектот, нивелационата кота и градежната линија, можат да се вршат врз основа на пропис на општината, а според ставот 2 на овој член измените и дополнувањата од став 1 на овој член не можат да бидат во спротивност со основниот урбанистички план.
Со измените на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/90) овој член престана да важи.
Според членот 45 од овој закон собранијата на општините, органите на управата и претпријатијата од член 25 на овој закон ќе ги усогласат просторните и урбанистичките планови и постапката за нивното донесување, во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон.
Во членот 46 од Законот е предвидено дека до усогласувањето на плановите од член 45 на овој закон, собранието на општината може со општ акт да ги утврди поблиските услови за градба, особено во поглед на доградбата и надградбата на објектите, максимални димензии на габаритот на објектот, пренамена на дел од објектот и други подетални услови за градба, а според ставот 2 на овој член од Законот, во постапката за донесување на општиот акт од став 1 на овој член не се применуваат одредбите од член 31 од овој закон (без јавна расправа со излагање на планот во соодветна просторија на месната заедница).
Тргнувајќи од наведените законски одредби до усогласувањето на урбанистичките планови во законскиот рок од една година од влегувањето во сила на измените на Законот, односно рокот за усогласување траел до 27 ноември 1991 година, дадена е можност во тој рок собранието на општината со пропис да ги утврдува поблиските услови за градба. Оттука произлегува дека со стапување во сила на измените на Законот, престанале да важат прописите на општините за измени и дополнувања на деталните урбанистички планови од помал обем. Оттука, произлегува дека одлуките за измена на деталните урбанистички планови, по утврдените рокови не можат да произведуваат правно дејство.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука се уредуваат односи за измена на детални урбанистички планови од помал обем за подрачјето на Општина Прилеп и по влегувањето во сила на Законот за измени и дополнувања на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, пред Судот се постави прашањето за нејзината согласност со член 45 и 46 од овој закон.
6. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Со оспореното решение, врз основа на оспорената одлука, се врши измена на намена на дел од објект, односно претставува поединечен акт за што Уставниот суд не е налдежен да одлучува.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Л азова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.77/96)