331/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 јуни 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

– Законот за станбено обезбедување во Југослвенската народна армија (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/90);

– Член 2 од Уредбата за начинот и условите за продажба на становите и деловниот Фонд на ЈНА, што се во државна сопственост на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/92), донесена од Владата на Република Македонија;

– Член 2 од Одлуката за продажба на становите на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/92), донесена од Владата на Република Македонија, во делот што гласи: “становите на поранешна ЈНА”.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесени иницијативи од Мито Пејовски и Никола Нешовски двајцата од Скопје со Решение У.бр.329/95, 330/95 и 331/95 од 20 декември 1995 година, поведе постапка за оценување уставноста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за станбено обезбедување во ЈНА е сојузен закон, донесен во 1990 година и согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот е преземен како републички. Со овој закон се уредува задоволувањето на станбените потреби (со лични средства и давање на користење службени станови) на активните воени лица, граѓанските лица на служба во ЈНА, пензионираните воени лица, граѓанските лица пензионирани од ЈНА, лицата кои имаат право на месечен паричен надоместок поради престанок на активната воена служба, како и членовите на нивните семејства, обезбедувањето на средства за задоволување на тие потреби, управувањето со станбениот фонд на ЈНА и неговото одржување (член 1 од Законот).

Во член 2 од Законот е предвидено дека парични средства за задволување на станбените пореби во ЈНА се обезбедуваат од станарини и закупнина, со откупот на станови, од ануитети од станбените кредити, од делот на паричните средства кој најдолго до 31 декември 1998 година се издвојуваат од бруто личните доходи на активните воени лица и граѓанските лица на служба во ЈНА, од продажба на вишокот на станови и други објекти, од вкупните средства кои во буџетот на Федерацијата се обезбедува за финансирање на ЈНА, од вкупните средства за финансирање на ЈНА кои се обезбедуваат од други извори.

Во член 4 од Законот е предвидено дека средствата издвоени по одредбите на точка 4 став 1 од член 2 (средствата што се издвојуваат од бруто личните доходи) се користат како лично учество при склучувањето на договорот за кредит за добивање на стан, за подобрување на условите на становање, за одржување на станот, заедничките делови и инсталации во зградата.

Во став 2 на овој член се овластува сојузниот секретар да го пропише начинот на водење евиденција и користењето на средствата од став 1, при што во став 3 на овој член е предвидено дека овие средства не можат да се пресметуваат во откупната цена на станот, ниту на друг начин да се користат за откуп на станови. Во понатамошните одредби од Законот е уредено прашањето за начинот на решавање на станбеното прашање на активните воени лица и граѓанските лица во служба на ЈНА; потоа прашањето за добивање на користење службени станови, и за условите за добивање на станбени кредити.

Во член 20 од Законот е предвидено дека носителот на станарското право кој користи стан од станбениот фонд на ЈНА може тој стан да го откупи врз основа на договор кој со непосредна спогодба го склучува со давателот на станот.

Според член 21 од овој Закон откупната цена на становите од станбениот фонд на ЈНА се утврдува според ревалоризираната градежна вредност на станот, зависно од квалитетот и опременоста на станот, локацијата на зградата, положбата на станот и други елементи утврдени со методологијата. Така утврдената откупна цена на станот се намалува за износот на амортизацијата на станот најмногу до 50% од полната амортизација. Ако станот го откупува лице наведено во член 1 од Законот, откупната цена на станот се намалува и за ревалоризираниот износ на трошоците на комунално уредување на земјиштето, ревалоризираниот износ на средствата на придонесот за станбена изградба, уплатен во станбениот фонд на ЈНА. Ревалоризацијата се врши според движењето на личните доходи на лицата за кои придонесот е уплатуван, за периодот во кој тој е уплатуван. За утврдување на откупната цена на станот е овластен сојузниот секретар да пропише методологија.

Во понатамошните одредби од Законот, е утврден начинот на откуп на становите.

Во член 32 од Законот е предвидено дека носителот на станарско право на стан од станбениот фонд на ЈНА кој не го откупил станот од станбениот фонд на ЈНА го задржува станарското право по прописите со кои се утврдува давање на користење на станови од станбениот фонд на ЈНА.

Со член 134 од Законот за одбрана на Република Македонија, е предвидено дека недвижностите, опремата, инвентарот и другите средства што досега ги користеше државата СФРЈ-ССНО на територијата на Републиката се во државна сопственост на Република Македонија.

Врз основа на оваа законска одредба Република Македонија како носител на правото на сопственост на станбениот фонд од поранешна ЈНА со одлука донесена од Владата на Република Македонија го овластува Министерството за одбрана да ги преземе и да ги користи недвижностите што дотогаш ги користела државата СФРЈ-ССНО.

Исто така, согласно оваа законска одредба и точка 12 од Договорот за дислокација на ЈНА од територијата на Република Македонија е донесена оспорената Уредба за начинот и условите за продажба на становите и деловниот фонд на ЈНА што се во државна сопственост на Република Македонија, во која во член 2 е предвидено дека становите на ЈНА ќе се продаваат според начинот и условите пропишани со постојните прописи за продажба на становите на ЈНА и одредбите на оваа уредба, што значи за продажба на овие станови остана да се применува оспорениот Закон за станбено обезбедување во ЈНА и подзаконските прописи донесени врз негова основа.

Имајќи го предвид посебниот статус на станбениот фонд на поранешна ЈНА, Владата на Република Македонија во оспорениот член 2 од Одлуката за продажба на становите на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката ги исклучи воените станови од редовната продажба на општествените станови.

5. Според член 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија. Согласно член 5 став 4 од Уставниот закон за спроведување на Уставот сојузните прописи со кои се уредуваат организацијата и надлежноста на органите на Федерацијата не се применуваат во Република Македонија.

Според член 6 од овој уставен закон законите што не се во согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија ќе се усогласат во рок од една година од денот на прогласувањето на Уставот.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.

Од изнесените одредби произлегува можност сојузните закони и другите сојузни прописи да се применуваат во Република Македонија, како републички прописи, при што е предвидена и уставна обврска тие да бидат во согласност со Уставот на Република Македонија.

Во смисла на означените одредби оспорениот Закон за станбено обезбедување во ЈНА и подзаконските прописи донесени врз негова основа се преземени како републички.

Со Уставот на Република Македонија се напушта концепцијата на општествена сопственост, при што не е предвидено станарското право кое што произлегуваше од општествената сопственост.

За разлика од Уставот на СР Македонија од 1974 година кој предвидуваше посебна положба на вработените во Армијата и посебни извори на средства за задоволување на станбените потреби во ЈНА, Уставот на Република Македонија веќе не предвидува посебна положба на вработените во Армијата, меѓутоа допушта одбраната која се остварува преку Армијата на Република Македонија да се уреди со закон.

Одбраната на Република Македонија, според Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92), покрај граѓаните и органите на државната власт ја остваруваат и вооружените сили како армија на Република Македонија.

Тргнувајќи од член 9 и член 32 од Уставот, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, не постои уставна можност за различен третман на вработените во армијата, од причини што според член 9 став 2 граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со оспорениот закон, како што е видно од неговата содржина се уредува прашањето за стекнување на станарското право над средства кои во времето на неговото донесување беа општествени, а сега во сопственост на Републиката. Понатаму, со овој закон се уредуваат односи во поранешна ЈНА која повеќе не постои, и се уредува статусот на станбениот фонд на ЈНА, кој исто така веќе не постои, затоа што истиот стана државна сопственост.

Со оглед на тоа што оспорениот закон го предвидува станарското право кое произлегуваше од општествената сопственост и со него се уредуваат односи кои се однесуваат на субјекти и објекти кои повеќе не се предвидени во Уставот на Република Македонија, ниту во законската регулатива, Судот оцени дека тој не е во согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија.

Понатаму, со оспорениот закон посебно со оспорениот член 21 се утврдени поповолни услови за пордажба на становите на поранешна ЈНА од условите предвидени за продажба на становите на Република Македонија што беа во општествена сопственост, поради што Судот оцени дека со Уставот не е предвидена можност за одделни категории на граѓани во зависност од тоа каде се вработени да се предвидуваат поповолни услови за остварување на одредени права и дека со тоа се повредува уставното начело на еднаквост.

Во однос на оспорените одредби од Уредбата и Одлуката Судот, исто така, оцени дека тие не се во согласност со Уставот, со оглед на тоа што и тие претставуваат основ за применување на оспорениот закон што и според нив станува збор за ЈНА и станбен фонд на ЈНА, кои веќе не постојат во Република Македонија и поради тоа што и врз нивна основа се создава нееднаквост меѓу граѓаните.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.329/95, 330/95 и 331/95)