99/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јуни 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 28 став 1 од Законот за данокот на промет на производи и услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92, 62/92, 63/92, 3/93, 4/93, 80/93, 42/95 и 4/96.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Миливој Мицевски од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 28 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него во зависност од тоа дали се работело за мали, средни или големи претпријатија било предвидено аконтацијата на данокот на промер да се плаќа во различен рок, што не било во согласност со член 55 од Уставот.

Исто така, во иницијативата се наведува дека рокот за уплата на аконтацијата на данокот бил многу краток па воедно иницијативата претставува предлог до законодавецот да утврди подолг рок на плаќање.

3. На седницата Судот утврди дека во член 28 став 1 е предвидено данокот на промет на производи даночниот обврзник – правното лице да го плаќа периодично како аконтација и тоа: малите претпријатија во рок од 5 дена, средните претпријатија во рок од 6 дена, а големите претпријатија во рок од 7 дена, по истекот на секои 15 дена во месецот односно по истекот на месецот.

4. Според став 1 на член 55 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Согласно став 2 на овој член од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите правни субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување.

Од наведените одредби произлегува дека Уставот ги гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и ја обезбедува еднаквата положба на сите субјекти на пазарот односно не дозволува монополско однесување на пазарот.

Со Уставот не се уредуваат прашањата за статусот и положбата на правните односно стопанските субјекти. Според тоа тој статус е уреден со Законот за претпријатијата кој ќе престане да важи на 6 јули, но и со други важечки закони како што се Законот за сметководството, Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, Законот за трансформација на задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште и други закони.

Така, согласно член 12 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/93) мало претпријатие во смисла на овој закон е претпријатие што исполнува најмалку два од наведените критериуми-просечниот број на вработените врз основа на работните часови во текот на една година да не е поголем од 50 работници, а годишниот приход да е помал од 8000 просечни месечни (бруто плати) по работник во стопанството на Република Македонија.

Средно претпријатие во смисла на овој закон е претпријатието да исполнува најмалку два критериума – просечниот број на вработените врз основа на работни часови во текот на една година да не е поголем од 250 работници; – годишниот приход да е помал од 40.000 просечни бруто плати по работник во стопанството на Република Македонија. Другите претпријатија според овој закон се сметаат за големи.

Поделба на мали, средни и големи претпријатија прави и Законот за трансформација на задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/96).

Исто така, Законот за сметководството (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93) од аспект на опфатеноста на сметководствената евиденција субјектите ги дели на големи и мали во зависност од бројот на вработените и износот на средствата по годишните пресметки во последните две години. Деловните евиденции пак, за одделни субјекти кои го финансираат своето работење од буџетот водењето на деловната евиденција е по систем на буџетско (камерално книговодство), а малите субјекти во определени дејности деловната евиденција можат да ја водат и по системот на просто книговодство.

Од цитираните законски одредби произлегува дека со закон се врши поделба на мали, средни и големи правни субјекти според опфатеноста на сметководствената евиденција, според бројот на вработените и износот на средствата по годишните пресметки (пресметковни години).

Од друга страна со член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според мислењето на Судот во рамките на утврдувањето на начинот на плаќањето на даноците може да се утврди и рокот на нивното плаќање во зависност од полоќбата и карактеристиките на даночните обврзници.

Тргнувајќи од тоа дека уставниот принцип на еднаквоста меѓу субјектите на пазарот значи тие претходно да се во еднаква правна положба, Судот смета дека во конкретниов случај малите, средните и големите претпријатија не се во иста правна положба па и малата временска разлика на плаќањето на аконтацијата на данокот на промет на производи и услуги не излегува од рамките на Уставот, поради што оцени дека неможе да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 55 од Уставот на Република Македонија.

Во врска со наводите во иницијативата дека рокот на уплатата на аконтацијата на данокот е краток и воедно претставува предлог до законодавецот да утврди подолг рок на плаќање се прашања кои излегуваат надвор од надлежностите на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.99/96).