123/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 69 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јуни 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на
а) Член 83 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпри-јатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност, склучен на 20 јули 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/94).
б) Член 116 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија, склучен на 23 октомври 1995 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение затоа што оспорените одредби не биле во согласност со членовите 15 и 50 став 2 од Уставот на Република Македонија затоа што по приговорот на работникот кај работодавецот може да одлучува и органот што одлучува во прв степен при што ако тоа бил работодавецот ќе ја преиспита претходно донесената одлука на кој начин не се обезбедува двостепеност во одлучувањето по приговорот на работникот, односно можност за одлучување од страна на друг орган непристрасен и кој не одлучувал и не учествувал во прв степен. Исто така оспорените одредби не биле во согласност со член 123 став 3 и 4 и член 136 од Законот за работните односи, затоа што од наведените одредби не произлегувало дека органот што одлучувал во прв степен, ако тоа бил работодавецот, треба да донесе и одлука по приговорот на работникот, туку само да ја преиспита претходно донесената одлука.

3. На седницата Судот утврди дека во член 83 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои што вршат нестопанска дејност е предвидено дека по приговорот на работникот кај работодавецот може да одлучува и органот што одлучувал во прв степен, при што ако тоа бил работодавецот, ќе ја преиспита претходно донесената одлука.

Во член 116 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија е предвидено дека по приговорот на работникот кај работодавецот може да одлучува и органот што одлучувал во прв стпен, при што ако тоа бил работодавецот ќе ја преиспита претходно донесената одлука.

4. Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Од изнесената уставна одредба на член 15 произлегува дека граѓаните имаат право на жалба против поединечен акт донесен во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, односно смислата на уставната одредба е да се обезбеди двостепеност во одлучувањето, односно можност за одлучување од страна на друг орган, по жалба на судска пресуда во прв степен, поединечен акт донесен од орган на управа и организации и институции што вршат јавни овластувања, а не против поединечните правни акти донесени во прв степен од работодавецот во врска со правата на работниците од работен однос.

Според член 50 став 2, пак, се гарантира судската заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Од изнесената одредба произлегува дека на граѓаните им се обезбедува судска заштита на законитоста на поединечните акти што ги носат органите на државната управа и другите институции што вршат јавни овластувања и оваа одредба не се однесува на правата на работниците кои произлегуваат од работен однос.

Остварувањето на правата на работниците согласно член 32 став 5 од Уставот се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 135 од Законот за работни односи работникот има право да поднессува барање заради остварување на своите права од работен однос како и право на приговор против одлуката донесена во врска со неговите права обврски и одговорности.

Барањето, односно приговорот работникот го поднесува до органот утврден со колективен договор во рок од 15 дена од денот на врачувањето на одлуката со која е повредено неговото право односно од денот кога дознал за повредата на правото.

Од изнесените одредби произлегува дека право е на работодавецот со колективниот договор да утврди кој орган ќе одлучува по приговорот на работникот за остварување на неговите права од работен однос.

Со оглед на тоа, Судот смета дека оспорените одредби од колективните договори во кои е предвидено по приговори на работникот да може да одлучува и органот кој одлучувал во прв степен, не се во несогласност со Уставот и со Законот, затоа што со Уставот и законот е предвидено дека со колективен договор се уредува прашањето за постапката за остварувањето на правото на вработените, а во тие рамки и кој правен лек ќе се употреби против првостепениот акт на работодавецот и кој орган ќе одлучува против правосилниот акт на работодавецот.

5. Во однос на наводот во иницијативата дека оспорените одредби од колективните договори не се во согласност со член 123 став 3 и 4 и член 136 од Законот за работни односи, Судот смета дека со оглед на тоа што со Законот за работните односи се регулирани прашањата на роковите за поднесувањето на приговор и обврската на надлежниот орган во определениот рок да донесе одлука, тие прашања не морааат да бидат уредени со колективниот договор, и ќе се применува Законот, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од колективниот договор со Законот за работните односи.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.123/96)