98/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 мај 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката бр.09-108/1 од 14.03.1995 година за донесување на парцијална измена и дополнување на детални урбанистички планови во град Куманово, донесена од Собранието на општина Куманово, во делот кој се однесува на ул.”Ефто Спасовски” б.б. и ул.”Вук Караџиќ” бр.26, односно на катастарските парцели КП.бр.4582/2 и КП.бр.4787.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му се поднесени иницијативи од Денко Тасевски и Трајко Стојчевски, двајцата од Куманово, со кои се бара поведување на постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точка 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на град Куманово кои што се извршени со оспорената одлука, не биле донесени во постапка која била пропишана со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, затоа што пред нивното усвојување не било организирано јавен увид и јавна расправа, поради што подносителите на иницијативите, како заинтересирани граѓани, не биле во можност да се запознаат со содржината на планот за измени и дополнувања пред неговото донесување.

Во иницијативите се предлага Уставниот суд, до донесувањето на конечно решение, да донесе Решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија кои што се донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука е извршена парцијална измена и дополнување на делови од Деталниот урбанистички план во град Куманово, меѓу кои е опфатена и измена во дел од ул.”Ефто Спасовски”, на начин што е одземен дел од земјиште од К.П.бр.4787 во корист на К.П.бр.4582/2, при што постапката за донесување на парцијалните измени и дополнувања била спроведена на начин што Собранието на општината Куманово на 2.02.1995 година донело Заклучок за ставање на јавна расправа на Нацрт-парцијалните измени на делови од Детални урбанистички планови во град Куманово, во кој е определено времетраењето на јавната расправа од 2.02.1995 година до 16.02.1995 година, со тоа да нацрт-парцијалните измени бидат истакнати во просториите на соодветните месни заедници. По истекот на рокот предвиден за јавна расправа, Подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Куманово поднела извештај од спроведената јавна расправа, во кој што извештај е наведено дека по завршувањето на јавната расправа е доставена забелешка на нацрт парцијалните измени и дополнувања само од еден граѓанин, која што забелешка била прифатена. Со Заклучок од 14.03.1995 година Собранието на општина Куманово го усвоило Извештајот од спроведената јавна расправа, после што ја донело оспорената одлука за парцијална измена и дополнување на делови од Деталните урбанистички планови во град Куманово.

4. Соглсно член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр. 38/85, 18/89 и 98/90), кој што бил во важност во времето на донесувањето на оспорената одлука, Нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа, која се организира од органот на управата надлежен за работите на урбанизмот, на начин што планот се изложува во просториите на месната заедница за време од најмалку 15 дена, а во наредниот рок од 15 дена се примаат забелешките од граѓаните и другите заинтересирани субјекти. Во член 34 став 2 од истиот закон, е пропишано дека Собранието на општината ги донесува урбанистичките планови за подрачјето на општината, а според член 37 став 2, измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на ист начин и постапка како и при донесувањето на урбанистичките планови.

Согласно важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96), деталните урбанистички планови се изработуваат како нацрт и предлог на план, при што, по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата.

Имајќи ја предвид наведената законска регулатива, како и утврдениот факт дека по оспорената одлука била спроведена јавна расправа, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите од Законот кој важел во времето на нејзиното донесување, ниту со одредбите од новиот закон со кој е уредена оваа материја, поради што Уставниот суд на Република Македонија одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. По однос на барањето за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот за донесување на вакво решение, со оглед на тоа што одлучи да не поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.98/96)