Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 мај 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на одредбата од член 102 став 1 точка 3 и 15 од Правилникот за работни односи на Службата на општествено книговодство во СР Македонија, Филијала Титов Велес.
2. До Уставниот суд на Република Македонија е поднесена иницијатива од страна на лицето Манчо Манчев од Кавадарци, за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од член 102 став 1 точка 3 и 15 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со истата не биле поблиску предвидени околностите под кои на работниците можело да им биде изречена дисциплинската мерка – престанување на работниот однос, што не било во согласност со Законот за основните права од работниот однос и со Уставот на Република Македонија, бидејќи се создавала нееднаква положба на граѓаните во остварувањето на правата од работните односи.
3. Разгледувајќи ја иницијативата, Уставниот суд на Република Македонија најде дека оспорениот Правилник за работни односи не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, поради што Уставниот суд на Република Макдонија не е надлежен да ја цени уставноста и законитоста на овој акт, после што донесе одлука како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.100/96).