У.бр.72/1996

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 мај 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Герасим Грозданов од Струмица за заштита на слободите и правата повредени со неправилно донесени пресуди од страна на редовните судови со што смета дека е повреден член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Герасим Грозданов од Струмица му поднесе барање за заштита на правата и слободите утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, затоа што подносителот бил незаконито осуден на казна затвор од седум години за кривично дело грабеж, поради што било формирано јавно мислење дека тој е тежок деликвент, па врз основа на тоа неправилно биле донесени пресудите П.бр.797/85 Г.Ж.244/86 и Р.бр.941/87. Понатаму се наведува дека сета неправилна постапка била како резултат на тоа што тој бил симпатизер на идеите за самостојна Македонија, а сега бил член на ВМРО-ДПМНЕ.

3. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека според член 51 од Деловникот на Уставниот суд секој граѓанин што ссмета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен акт, односно од денот на дознавањето за преземеното дејство со кое е сторено повреда но не и подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од изнесената одредба произлегува дека Уставниот суд може да постапува по барање за заштита на слободи и права на граѓанинот утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот во определен рок.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај поминати се предвидените рокови односно субјективниот рок од два месеаци и објективниот рок од пет години, за поднесување барање за заштита на слободите и правата утврдени во Уставот, од приемот на поединечниот акт или дознавањето за превземеното дејствие, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за водење на постапката и одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.72/96)