Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 мај 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за организирање на постоечките организации на здружен труд од посебен општествен интерес што вршат комунални дејности во јавни претпријатија, донесена од Собранието на општина Куманово на 22 ноември 1989 година (“Службен гласник на општина Куманово” бр.7/89).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Јавното претпријатие “Пазаришта” ц.о. од Куманово, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука не била во согласност со членовите 30 став 2, 55, 58 и 115 од Уставот, член 5 од Законот за трговија и член 29 став 1 точка 6 од Законот за локална самоуправа. Во Уставот, посебно во членот 30, не постоел поимот “посебен општествен интерес” туку поимот “јавен интерес”, а со оспорената одлука се ограничувала сопственоста и правата на управување кои произлегувале од сопственоста во корист на општината Куманово, без за тоа да имало јавен интерес утврден со закон, особено ако се имало предвид дека општината немала вложено никаков капитал во организацијата за управување со пазари “Пазаришта” од Куманово. Понатаму се наведува дека општината настапувала како општествено-политичка заедница со оригинерни надлежности, што не било во согласност со уставниот концепт на општината како единица на локалната самоуправа. Во членот 29 став 1 точка 6 од Законот за локална самоуправа било уредено дека советот на единицата на локалната самоуправа може да основа јавно претпријатие во согласност со закон, а според Законот за трговија пазарите на големо и мало спаѓале под услуги на трговија, а не во комунална дејност. Тоа значело дека оспорената одлука би можела да се донесе ако вршењето на услугите на пазариштето се третирало како комунална дејност што не било можно бидејќи според Одлуката за единствена класификација на дејностите, пазариштата биле класифицирани како стопанска дејност.
3. На седницата Судот утврди дека Собранието на општината Куманово, врз основа на член 196 од Законот за измена и дополнување на Законот за претпријатија, на 22 ноември 1989 година донело Одлука со која постоечките организации на здружен труд од посебен општествен интерес што вршат комунални дејности и тоа: КРО “Водовод”, КРО “Чистота и зеленило” и РО за управување со пазари “Пазариште” од Куманово, се организираат како јавни претпријатија “Водовод”, “Чистота и зеленило” и “Пазариште”.
4. Согласно член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Тргнувајќи од содржината на оспорената одлука Судот смета дека е таа основачки акт кој не ги уредува на општ начин односите во претпријатијата, туку неговата примена се исцрпува еднократно со чинот на основањето на претпријатијата. Поради тоа, Судот оцени дека оспорената одлука не е пропис во смисла на член 110 од Уставот и дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за нејзината уставност и законитост.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.83/96).