97/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и врз основа на член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 мај 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 од Одлуката за начинот и постапката за исплата на пензиите и другите примања на воените осигуреници кои остануваат на територијата на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Станислав Костовски од Штип му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членот 2 од актот означен во точката 1 од ова решение, поради што не му било признато право на користење на стекната воена пензија од 1987 година иако од 04.05.1992 година живеел на територијата на Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека на 13 октомври 1994 година Судот ја оценувал во целина оспорената одлука на Владата на Република Македонија, вклучувајќи го и членот 2 и со решение У.бр.51/94 не повел постапка за оценување на нејзината уставност и законитост.

4. Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста и законитоста на оспорената одлука, а нема основи за поинакво одлучување, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.97/96).