92/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 мај 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Здружението на работниците-технолошки вишок на Република Макдонија од Кичево му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорениот закон кој се применувал до 31 декември 1995 година, биле суспендирани повеќе права на вработените во претпријатијата кои во своето работење искажувале загуби, со што се создавала нееднаквост на оваа категорија граѓани со останатите граѓани на Република Македонија, што не било во согласност со членовите 9 и 32 од Уставот. Исто така, овој закон, според подносителите на иницијативата, судовите дискриминаторски го применувале во однос на работниците-технолошки вишок, бидејќи ги отфрлале нивните тужбени барања за остварување на правата од работен однос.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот закон имал времен карактер и престанал да важи на 31 декември 1995 година. Со оглед на тоа што тој не е веќе во правниот поредок на Република Македонија постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ја отфрли иницијативата.

Што се однесува до наводите во иницијативата за дискриминаторскиот однос на судовите кон барањата за остварување на правата од работен однос од страна на работниците кои останале како технолошки вишок, Уставниот суд не е надлежен да ги штити правата што произлегуваат од работен однос, ниту пак е надлежен за примена на законите.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.92/96).