Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 април 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за определување на местото на живеење во општина Делчево, донесена од Собранието на општината на 13 јули 1989 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Страшо Ивановски од Делчево му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во член 1 од ова решение, затоа што со оспорената одлука неправилно се поделува општината на четири места на живеење и тоа Делчево, Каменица, с. Бигла и с. Драмче, а останатите населени места кои ги има 30 не се земени како место на живеење, а некои се оддалечени 20 км. од градот. Исто така, Одлуката е донесена врз основа на Законот за станбени односи, кој бил донесен во други општествено-економски услови, поради што оспорената одлука не е во согласност со Уставот и Законот.
3. На седницата Судот утврди дека основ за донесување на оспорената одлука е член 14 став 1 од Законот за станбени односи.
Во член 1 од Одлуката се определува што се смета за место на живеење на носителот на станарското право неговиот брачен другар, малолетните членови на неговото семејно домаќинство, во смисла на член 14 став 1 од Законот за станбени односи.
Во член 2 е предвидено дека како место на живеење опфатено со Основниот урбанистички план на градот Делчево се сметаат населените места опфатени со просторниот план на општина Делчево кои гравитираат кон градот Делчево, сообраќајно се поврзани со патишта, јавен автобуски сообраќај и обезбедени со електрична енергија и тоа: с.Габрово, с. Ѕвегор, Стамер, Град, Вирче, Тработивиште, Стар Истевник и с. Разловци.
Во член 3 е предвидено дека како место на живеење се смета и подрачјето опфатено со Основниот урбанистички план на М.Каменица како и населените места опфатени со просторниот план на општина Делчево, кои гравитираат кон М.Каменица, сообраќајно се поврзани со јавен автобуски сообраќај, и се обезбедени со електрична енергија и тоа: с. Лукавица, Тодоровци, Косевица (маало кај школото), с. Саса (маалото покрај река Каменичка).
Во член 4 е предвидено дека како место на живеење во смисла на член 1 од оваа Одлука се смета и село Бигла и с. Драмче.
4. Според член 13 став 1 од Законот за станбени односи е предвидено дека ако носителот на станарско право, неговиот брачен другар или малолетни членови на неговото семејно домаќинство имаат или се здобијат со семејна станбена зграда или стан во сопственост во местото на живеење што одговара на потребите на носителот на станарското право и на потребите на членовите на неговото семејно домаќинство кои заедно живеат должен е во рок од 60 дена од денот на добивањето или испразнувањето на семејната станбена зграда или станот во сопственост, со сите корисници на стан, да се исели од станот што го користи врз основа на договор за користење на стан.
Според член 14 став 1 од наведениот закон, собранието на општината определува што се смета за место на живеење во смисла на член 13 став 1 од овој закон.
Од изнесените одредби произлегува дека собранието на општината е овластено со свој акт да утврди што се смета за место на живеење. Врз основа на тој акт давателот на станот на користење во постапка за доделување на стан ќе утврди дали носителот на станарско право, неговиот брачен другар или малолетните членови на неговото семејно домаќинство кои ќе се здобијат со семејна станбена зграда или стан во сопственост го имаат решено станбеното прашање во местото на живеење.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај собранието на општината согласно овластувањата дадени со законот со оспорената одлука утврдило што се смета за место на живеење, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука со член 14 став 1 од Законот за станбени односи.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Ова решение Судот го усвои во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, и д-р Јосиф Талески. (У.бр.67/96)