39/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 април 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 12 точки 5 и 11, член 33 став 1 алинеја 7 и член 36 став 1 точка 23 од Статутот на Комората на сметководствено-финансиските работници на Република Македонија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Владимир Вешоски од Струга, со Решение У.бр.39/96 од 20 март 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Статутот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со Законот за сметководство.

4. Судот на седницата утврди дека според член 12 став 1 точки 5 и 11 од Статутот, основни цели и задачи на Комората се: 5) Редукција на сметководителите и финансиерите во Републиката; 11) Издавање и одземање на цертификати за сметководство и финансии.

Според член 33 став 1 алинеја 7 од Статутот, Републичката конференција: ги бира членовите на Комисијата за издавање цертификати;

Согласно член 36 став 1 точка 23 од Статутот, Претседателството во рамките на својата надлежност и овластувањата, врши организациони и контролни активности за стекнување и одземање на цертификати за овластени сметководители.

5. Судот, исто така утврди дека со Одлука У.бр.247/95, У.бр.248/95, У.бр.271/95 и У.бр.304/95 од 27 декември 1995 година, го укинал членот 12 ставовите 3, 4 и 5 од Законот за сметководството и го поништил Правилникот за условите и критериумите за стекнување професионално звање од областа на сметководството – овластен сметководител, донесен од Конференцијата на Комората за сметководствено-финансиските работници на Република Македонија. Судот оцени дека со закон не може да се овластува стручна организација како здружение на граѓани (сојуз, комора или друго професионално здружение), како што е во конкретниот случај со стручната организација за сметководители, финансиери и ревизори, да ги уредува таквите прашања. Во таа смисла, регистрирањето на овластените лица во посебен регистар, определувањето на условите и критериумите за стекнување на звања на овластени сметководители и ревизори и издавањето и одземањето на сертификатите на тие лица е предмет на законско уредување. Доколку заради специфичностите и рационалниот приод, тоа не може да се постигне, тогаш, врз оваа основа и во рамките утврдени со законот, нивната разработка, конкретизирање и доуредување, во рамки на извршната функција, може да се направи со донесување на пропис за извршување на законот, што е во ингеренции на Владата на Република Македонија, а не на стручна организација или здружение.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со член 91 слинеја 1 од Уставот се уредува дека Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а според алинеја 5 од овој член таа донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Имајќи го предвид фактот што Уставниот суд го укинал членот 12 ставовите 3, 4 и 5 од Законот за сметководството и го поништил Правилникот на Комората на сметководствено-финансиските работници на Република Македонија, а оспорените членови од Статутот го уредуваат прашањето на издавањето и одземањето на сертификатите за сметководство и финансии кое беше претходно оценувано од Судот, Судот оцени дека нема основа оспорените одредби од Статутот и понатаму да опстојуваат.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски (У.бр.39/96).