82/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 април 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 51 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Горан Дамчевски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 51 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не бил во согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, поради тоа што му давал повратно дејство на Законот, особено на одредбите за надоместокот. Според мислењето на подносителот на иницијативата правните ситуации кои започнале пред влегувањето во сила на законот, би требало да се решаваат според одредбите на законот кој важал во времето на настанувањето на тие ситуации, а не според одредбите на законот кој е донесен по нивното настанување, освен ако е поповолен за граѓаните.

Во таа смисла во однос на надоместокот за експроприрана недвижност со оглед на тоа што се предвидува пазарна вредност, решението содржано во оспорениот член 51 од Законот е поповолно за граѓаните. Меѓутоа, во однос на определувањето на надоместокот за предвремено влегување во владение по предметите кои настанале врз основа на претходниот закон, а за кое се уште не е постигната спогодба за надоместо, односно не е донесена правосилна судска одлука, решението за надоместокот од член 20 став 3 од Законот за експропријација е понеповолно за граѓаните од решението содржано во претходниот закон, поради што во однос на овој надоместок законот не можел да има повратно дејство.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 51 од Законот е предвидено во постапката за определување на надоместот по предметите по кои не се постигнати спогодби, односно не се донесени правосилни одлуки, надоместокот ќе се определи според одредбите на овој закон.

Во член 20 став 2 и 3 од Законот е предвидено дека по исклучок од став 1 на член 20, а по барање на корисникот на експропријацијата, во случаи на итност или за отстранување на очигледна штета, органот за експропријација по претходна согласност на министерот за финансии може да одлучи недвижноста да му се предаде на корисникот во владение по донесувањето на првостепеното решение.

Во случаите од став 2 сопственикот односно носителот на други имотни права, има право на надомест за некористење на недвижноста од денот на влегувањето во владение на корисникот на експропријацијата до денот на исполнувањето на спогодбата, односно одлуката на судот за надомест.

4. Како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, според член 8 од Уставот, покрај другите се владеењето на правото и правната заштита на сопственоста. Со обезбедувањето на принципот на владеењето на правото се овозможува остварување на правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти и заштита на стекнатите права. Со цел да се обезбедат овие уставни принципи, покрај другото, треба да се почитува и принципот за забрана на повратното дејство утврден во член 52 став 4 од Уставот.

Имено, според оваа уставна одредба законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. Тоа значи дека со законите со кои се уредуваат одредени прашања и односи можат да се создаваат нови односи само за во иднина, при што треба да се почитуваат стекнатите и остварените права, односно новите законски одредби не можат да се однесуваат на решени и завршени правни ситуации. Меѓутоа, во случај на започнати а не завршени правни ситуации, со Уставот се допушта можност на тие ситуации да се применат одредбите од новите законски решенија но само по исклучок ако новото законско реение е поповолно за граѓаните.

Во конкретниот случај Судот оцени дека оспорениот член 51 од Законот се однесува само на надоместокот за експроприрана недвижност, а не и за надоместокот за изгубена добивка за некористење на недвижноста од денот на влегувањето во владение на корисникот на експропријацијата до денот на исполнувањето на спогодбата односно одлуката на судот за надоместокот.

Имено, во член 51 од Законот недвосмислено е утврдено дека за определување на надоместокот за кој не е постигната спогодба односно не е донесена правосилна одлука ќе се применуваат одредбите на овој закон, а според одредбите на сегашниот и поранешниот закон за експропријација само за надоместокот за експроприрана недвижност е предвидена спогодба или судска одлука, а не и за надоместокот за изгубена добивка. За овој вид надоместок и во претходниот и во сегашниот закон не е предвидено како тој ќе се утврдува и кој ќе го утврдува.

Според мислењето на Судот подоцна донесениот закон има правна сила да го утврди престанувањето на важењето на порано донесениот закон и новите услови за експропријација да ги наметне и за оние субјекти кај кои е започнато но не е извршена експропријационата постапка, односно се уште не е исплатен надоместокот и не се преземени сите потребни дејствија за завршување на постапката. Сосема е логично и разбирливо новите услови за експропријација засновани на новите уставни решенија со кои се заштитува сопственоста, да се протегаат над сите субјекти и дејствија што се случуваат по неговото влегување во сила, затоа што ако овие услови се однесуваат само на субјектите и дејствијата што настанале по неговото влегување во сила, а не и на сите други би се создал двоен режим во поглед на надоместокот за експроприраната недвижност, со што би се создала нееднаквост меѓу граѓаните. Меѓутоа, Судот смета дека одредбите на член 51 од новиот закон не се однесуваат на правни ситуации кога надоместокот е веќе утврден со спогодба или со правосилна судска одлука, пред влегувањето во сила на овој закон, туку се однесува на правни ситуации кога надоместокот треба да се утврди по влегувањето во сила на Законот, со што оспорените одредби немаат повратно дејство, односно овие одредби не се однесуваат на веќе преземени и завршени дејствија пред влегувањето во сила на овој закон, туку на дејствија што не се ни започнати.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека со оспорениот член 51 од Законот не се повредува член 52 став 4 од Уставот, во однос на надоместокот за експропријација на недвижност. Во однос на надоместокот од член 20 став 3 од 27 март 1996 година овие одредби се елиминирани од правниот поредок, односно се укинати.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (у.бр.82/96).