89/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 април 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 140-а од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90 и 61/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.15/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Тане Николоски од Охрид му ја поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 140-а од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба од Законот се ограничувала сопственоста, што било во несогласност со член 30 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 140-а од Законот за претпријатијата, ако единствениот акционер на акционерското друштво, единствениот член на друштвото со ограничена одговорност или единствениот сопственик на приватното претпријатие со своите дејствија или мешањето на својот имот или на имотот на претпријатие создава кај другите јпривид на стопански идентитет со претпријатието, им одговара на доверителите за обврските на претпријатието негораничено солидарно.

4. Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 од овој член сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а спроед ставот 3 од овој член на Уставот, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Тргнувајќи од содржината на наведената уставна одредба според која се гарантира сопственоста и одредницата дека сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на јпоединецот и на заедницата, а имајќи предвид дека неограничената солидарна одговорност за обврските на претпријатието кон доверителите, настанува кога сопственикот на тоа претпријатие (единствениот акционер на акционерското друштво, единствениот член на друштвото со ограничена одговорност или единствениот сопственик на претпријатието) со своите дејствија или со мешањето на својот имот или имотот на претпријатието создава кај другите превид на стопански идентитет со претпријатието, спроед мислењето на Судот, не претставува одземање или ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, поради што не се постави прашањето за согласноста на член 140-а од Законот за претпријатијата со член 30 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.89/96)