Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 април 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на
а) Одлуката за придонесот за користење на градско земјиште на подрачјето на град Битола, донесена од Собранието на Општина Битола (“Службен гласник на Општина Битола” бр.6/87, 28/87, 15/89, 11/90 и 4/92) и на
б) Решението за утврдување на придонесот за користење на градежното земјиште, донесено од Собранието на Општина Битола (“Службен гласник на Општина Битола” бр.3/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Стори Петровски од Битола, за поведување постапка за оценување уставноста на одлуката и решението означени во точката 1 од ова решение, затоа што придонесот за користење на градежното земјиште бил јавна давачка а јавните давачки можеле да се воведуваат и уредуваат само со закон, па општината немала уставен основ да донесува подзаконски акти за таа материја, поради што Одлуката и Решението не биле во согласност со член 33 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека двата оспорени акти биле предмет на оценување од овој Суд, при што е одлучено да не се поведе постапка за оценување на нивната законитост, затоа што општината има законски основ, за регулирање на придонесот на граѓаните при користењето на градежното земјиште, во членовите 44 и 45 од Законот за градежното земјиште.
Со оглед на тоа што Одлуката и Решението биле предмет на оценување и што Судот смета дека нема основи за поинакво одлучување, произлегува дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Судот, поради што се одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.55/96).