У.бр.369/1995

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 април 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 17 став 1 точка 5 од Законот за платен промет (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 9/94 и 65/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Живко Тодоровски од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на член 17 став 1 точка 5 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што ја овластувал Народната банка на Македонија да прима депозити за кои не се склучени договори, со што се повредувале слободата на пазарот и претприемништвото што биле загарантирани со Уставот. Исто така, со иницијативата се оспорува и меѓусебната согласност на оспорената одредба од Законот со членот 26 од Законот за облигационите односи.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одредба од Законот е изменета во смисла што предвидува Народната банка да прима во депозит средства од сметките на банката и штедилниците, депозити од јавниот сектор, како и депозити утврдени со закон, односно изоставен е делот од одредбата што предвидуваше Банката да прима и депозити за кои не се склучени договори за депонирање.

4. Согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по истата.

Со оглед на тоа дека оспорената одредба од член 17 став 1 точка 5 од Законот е усогласена со Уставот, односно отстранета од правниот поредок, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Што се однесува до барањето за оценување согласноста на оспорената одредба од членот 17 став 1 точка 5 од Законот за платен промет со одредбата од член 26 од Законот за облигацвиони односи, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, оценувањето на меѓусебната согласност на законите излегува надвор од доменот на надлежноста на Судот.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.369/95).