298/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 април 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА на член 98 став 1 точка 1 од Законот за патишта (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/80, 26/80, 18/82, 13/86, 28/88, 27/89, 10/90, 11/91 и 62/93).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива на Никола Стојанов од Скопје, со решение У.бр.298/95, поведе постапка за оценување уставноста на член 98 став 1 точка 1 од Законот за патишта, затоа што со оспорената одредба се предвидувало ослободување од плаќање надоместок за патишта за возилата на ЈНА со што се овозможувало возилата на странска држава слободно и без плаќање да мине на територијата на нашата република на кој начин се загрозува нејзиниот територијален интегритет.

4. На седницата Судот утврди дека во член 98 став 1 точка 1 е предвидено дека се ослободуваат од плаќање на надоместок од точката 2 на член 95 од овој закон возилата на единиците и установите на ЈНА и возилата за потребите на општонародна одбрана.

Според член 122 од Уставот на Република Македонија вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независност на Републиката.

Со оглед на изнесената уставна одредба ЈНА како субјект не постои и таа според Уставот не го штити територијалниот интегритет на Република Македонија, туку дека тое се вооружените сили на Република Македонија, како и поради терминолошката неусогласеност со Уставот на Република Македонија, Судот утврди дека оспорената одредба не е во согласност со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.298/95)