2/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 април 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Решението бр.03-1867/4 со кое се утврдува дека шумата што се наоѓа на подрачјето на КО-Мраморец е општествена сопственост, донесено од Комисијата за утврдување граници на шуми во општествена сопственост при Собранието на Општина Охрид, на седницата од 22 јули 1967 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Божиновски Ристо од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што начинот на утврдувањето на границите на шумите не бил извршен согласно со Законот за шумите и што при донесувањето на оспореното решение не биле почитувани одредбите од Уредбата за утврдување границите на шумите во општествена сопственост, што не било согласно со Уставот и со закон.

3. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Со оглед на тоа што оспореното решение не претставува пропис во смисла на горе наведениот член од Уставот, Судот оцени дека не е надлежен за оценување на неговата уставност и законитост, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.2/96).