50/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 68, 69, 70 и 71 од Колективниот договор на “Технометал-Вардар” АД увоз-извоз Скопје, склучен на 14 ноември 1994 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 22 став 2, член 23 и член 24 од Статутот на “Технометал-Вардар” АД увоз-извоз Скопје, донесен на 2 јули 1991 година.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Владо Катушевски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 и 2 од ова решение, затоа што оспорените одредби од Колективниот договор не се во согласност со Уставот и законот затоа што со нив не се гарантира уставното и законско право на двостепеност во одлучувањето, против одлуки донесени во прв степен, како и затоа што оспорените одредби од Статутот не се во согласност со Уставот и законот бидејќи на сопствениците-акционери им е одземено правото да управуваат и да учествуваат во одлучувањето.

4. На седницата Судот утврди дека во членот 68 од Колективниот договор на претпријатието е предвидено дека одлука за престанок на работен однос со отказ поради економски, технолошки, структурални и слични промени, врз основа на критериуми утврдени со закон, Општиот колективен договор на ниво на стопанството на Република Македонија и Колективниот договор за трговија на Република Македонија, донесува Управниот одбор на претпријатието на предлог на генералниот директор.

Во член 69 е предвидено дека врз основа на Одлуката на Управниот одбор, решение за престанок на работниот однос донесува генералниот директор, а според член 70 од Колективниот договор против решението на генералниот директор, работникот има право на приговор до Управниот одбор во рок од 15 дена од денот на доставата на решението.

Во член 71 е предвидено дека работникот има право на приговор до Управниот одбор против одлуки донесени во прв степен, а кои се однесуваат на неговите права, обврски и одговорности.

5. Според член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управнен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Во член 32 став 5 од Уставот е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се утврдени со закон и со колективни договори.

Според член 135 од Законот за работни односи, работнкиот има право да поднесува барање заради остварување на своите права од работен однос како и право на приговор против одлуката донесена во врска со неговите права, обврски и одговорности.

Барањето, односно приговорот работникот го поднесува до органот утврден со колективен договор во рок од 15 дена од денот на врачувањето на одлуката со која е повредено неговото право односно од денот кога дознал за повредата на правото.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека граѓаните имаат право на жалба против поединечен акт донесен во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институтции што вршат јавни овластувања, односно смислата на уставната одредба е да се обезбеди двостепеност во одлучувањето, односно можност за одлучување од страна на друг орган, по жалба на судска пресуда во прв степен, поединечен акт донесен од орган на управа и организации и институции што вршат јавни овластувања.

Остварувањето на правата на вработените во другите претпријатија и институции кои не вршат јавни овластувања се утврдуваат со закон и колективен договор, односно прашањето на правото на приговор и кој од органите ќе одлучува по приговор според законот е прашање кое се уредува со колективниот договор.

Според тоа право е на работодавецот со колективниот договор да утврди кој орган ќе одлучува по приговорот на работникот за остварување на неговите права од работен однос.

Со оспорените членови од колективниот договор е предвидено дека кога за одредено право на работниците одлучувал генералниот директор, работникот има право на приговор до Управниот одбор а кога за правото на работникот одлучува Управниот одбор приговорот повторно се поднесува до Управниот одбор. Со оглед на тоа Судот смета дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и законот за работни односи поаѓајќи од фактот што со Уставот и законот е препуштено, со колективен договор да се уреди прашањето и да се регулира постапката за остварување на правата на вработените и во рамките на тоа, кој правен лек и кој орган може да се користи против првостепениот акт на работодавецот.

6. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста со другите прописи и на колективни договори со Уставот и закон.

Со оглед на тоа што оспорениот статут не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува за неговата согласност со законот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.50/96)