48/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за пренесување дејноста за комунално уредување на градежното земјиште во Општина Гевгелија на Јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија – Подрачна единица Гевгелија, донесена од Собранието на Општина Гевгелија на 23 декември 1994 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за висината на надоместокот за употреба на градежно земјиште (“Службен гласник на Општина Гевгелија” бр.3/93, 2/94 и 1/95).

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Стојан Танчев од Гевгелија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуките означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со нив Собранието на Општината неовластено воведувало надоместок за употреба на градежно земјиште, а правото на собирање на средства за надоместок за употреба на градежно земјиште неосновано се пренесувало на јавно претпријатие и се нарушувало правото на жалба, бидејќи тоа претпријатие не можело да решава за прашања од управна материја. Според подносителот на иницијативата, оспорените одлуки не биле во согласност со Уставот и Законот за градежното земјиште.

4. Судот на седницата утврди дека со Одлуката за висината на надоместокот за употреба на градежно земјиште се утврдува надоместокот за употреба на градежното земјиште на подрачјето на Општина Гевгелија, неговата висина, зони на плаќање и начинот на пресметување.

Со другата оспорена одлука, Собранието на Општина Гевгелија дејноста на комуналното уредување на градежното земјиште во општина Гевгелија ја пренесува на Јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија – Подрачна единица Гевгелија. Притоа, со член 3 од Одлуката е утврдено дека Стручната служба на фондот за комунално уредување на градежното земјиште продолжува да ги врши административно-стручните и други работи за потребите на уредувањето и употребата на градежното земјиште, со член 5 од Додлуката дека финансирањето на дејноста ќе се врши од истите извори на средства како и порано во согласност со Законот за градежното земјиште, за што ќе има и посебна жиро сметка, а со член 7 од Одлуката, дека правата и обврските ќе бидат уредени со посебен договор меѓу Собранието на Општината и Јавното претпријатие. Со член 8 од Одлуката се констатира дека со влегување во сиа на оваа одлука престанува да важи Одлуката за укинување на фондот за комунално уредување на градежното земјиште и пренесување дејноста за уредување на градежното земјиште на Самоуправната интересна заедница на стопанисувањето на Гевгелија.

5. Според член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Во согласност со член 5 став 2 од Законот за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/94), Јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија, покрај работите кои се однесуваат на стопанисувањето на станбениот и деловниот простор на Република Македонија, го уредува градежното земјиште доверено од единиците на локалната самоуправа. Според член 6 од овој закон, Јавното претпријатие може да врши одделни работи на стопанисување со станбениот и деловниот простор и други работи што со договор ќе му ги доверат други заинтересирани субјекти на пазарот, а според член 16 од Законот, работниците на стручните служби на самоуправните интересни заедници на станувањето и другите основни субјекти за уредување и изградба на станбен и деловен простор ги презема јавното претпријатие.

Според член 27 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр. 10/79, 17/79, 37/80, 18/89 и 21/91) општината го определува начинот на организирањето и вршењето на работите на уредување и употреба на градежното земјиште (јавно претпријатие или орган).

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи предвид дека општината има уставен и законски основ да го опредеува начинот на организирањето и вршењето на работите на уредување и употреба на градежното земјиште, вклучувајќи ја и можноста од доверување на уредувањето на градежното земјиште на Јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија и дека, притоа, е обезбедено рпавото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапката од страна на Јавното претпријатие кое врши јавни овластувања. Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со напред наведените уставни и законски одредби.

6. Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по предметот У.бр.8/96, со Решение од седницата одржана на 14 февруари 1996 година, не повел постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за висината на надоместокот за употреба на градежното земјиште на подрачјето на општина Гевгелија, бидејќи утврдил дека со Законот за градежното земјиште, како и со Законот за локалната самоуправа, општината односно единицата на локалната самоуправа се овластува да го утврдува надоместокот за употреба на градежното земјиште, да ја определува неговата висина, роковите за плаќање и начинот на неговото пресметување, поради што Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Уставот и Законот за градежното земјиште.

Тргнувајќи од тоа дека за спорната работа Судот веќе одлучувал, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата во тој дел ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.48/96).