Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 март 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на подгрупа 110909- Останати неспомнати услуги, во делот кој гласи “застапување како и приватна пракса (освен адвокатската)” на подрачјето на 11-Финансиски, технички и деловни услуги од Одлуката за единствена класификација на дејностите (“Службен лист на СФРЈ” бр.34/76, 62/77, 72/80, 77/82, 71/83, 68/84, 76/85, 28/86, 72/86, 78/87, 63/88, 6/89, 29/90 и 47/90).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, адвокатот Благој Темелков од Кавадарци му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорениот дел од Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со наведената класификација на дејностите се давало можност правна помош, освен преку адвокатурата, да се обезбедува и на друг начин, што не било во согласност со член 53 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според Единствената класификација на дејностите, како составен дел на Одлуката за единствената класификација на дејностите донесена од Сојузниот извршен совет врз основа на член 3 од Законот за единствена класификација на дејностите (“Службен лист на СФРЈ” бр.6/76), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија е преземен како републички, е извршена класификација на дејностите, така што во подрачјето 11-Финансиски, технички и деловни услуги, во гранка 1109 група 11090 – Деловни услуги, во називот и јописот на дејноста во подгрупата 110909 – Останати неспомнати услуги, се наведени: услугите на умножување, адресирање, изработка на фото и други копии, застапување како и приватна пракса (освен адвокатската) и други неспомнати услуги.
4. Според член 53 од Уставот адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Со Законот за адвокатурата се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, другите органи и други правни лица, како и организацијата на адвокатурата, условите за упис во Именикот на адвокатите и правата и обврските на адвокатите. Според член 2 од овој Закон, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, според мислењето на Судот, утврдениот статус на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош, не значи забрана за другите стручно оспособени и регистрирани за таква дејност да не можат да вршат трговско застапување односно да обезбедуваат други деловни услуги. Врз основа на тоа, Судот оцени дека не може да се псотави прашањето за согласноста на оспорениот дел од Единствената класификација на дејностите со член 53 од Уставот и Законот за адвокатурата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.68/96)