327/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија бр.70/92) на седницата одржана на 13 март 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 87 став 1 алинеите 1, 2, 3, 4, 5 и 6 од Колективниот договор за јавните претпријатија од дејноста сообраќај и врски (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.327/95 од 29 ноември 1995 година, поведе постапка за оценување законитоста на одредбите од колективниот договор означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласноист со член 121 од Законот за работните односи.

4. На седницата Судот утврди дека во член 87 став 1 алинеите 1, 2, 3, 4, 5 и 6 од Колективниот договор е предвидено должината на отказниот рок да изнесува: до 5 години работен стаж – 1 месец, до 10 години работен стаж – 2 месеци, до 15 години работен стаж – 3 месеци, до 20 години – 4 месеци, до 25 години 5 месеци и над 25 години – 6 месеци.

5. Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Согласно член 121 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95) отказниот рок не може да биде пократок од 30 дена ниту подолг од три месеци во зависност од должината на работниот стаж и причините за отказ, согласно со колективниот договор.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законот ја утврдил должината на отказниот рок кој не може да биде ниту пократок од 30 дена ниту подолг од 3 месеци.

Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Колективниот договор се предвидува должината на отказниот рок да изнесува до шест месеци Судот оцени дека тие не се во согласност со член 121 од Законот за работните односи.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.327/95)