51/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 43 став 2 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Јован Георгиевски од Куманово, стручен соработник во Општинскиот суд во Куманово, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што не биле во согласност со член 32 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, од причини што со нив се ограничувало уставното право на слободен избор на вработување и достапноста на секое работно место под еднакви услови. Исто така, со Законот биле предвидени две нови категории на работници, “судски советник” и “самостоен судски советник” со што се повредувало уставното начело за независност и самостојност на судовите, затоа што според називот овие работници би требало да даваат совети и мислења на судиите кои се самостојни и независни. Понатаму, во иницијативата се наведува дека терминот “потврдени резултати” бил нејасен и ништо не потврдувал освен што му ја запечатувал судбината на многубројни стручни соработници во судовите кои евентуално би дошле во судир со претседателот на судот или со некој судија, а се придржувале доследно до Законот и до кодексот на судската етика и морал.

3. Судот на седницата утврди дека во член 38 од Законот за судовите е предвидено дека судиите ги избира и ги разрешува Собранието на Република Македонија под услови и во постапка утврдени со закон. Во член 43 од Законот е предвидено дека за судија може да биде избран државјанин на Република Македонија кој ги исполнува општите услови определени со закон за засновање на работен однос во орган на државната управа, кој е дипломиран правник со положен правосуден испит и кој ужива углед за вршење на судиската функција.

Покрај условите од став 1 на овој член во оспорениот став 2 на овој член од Законот е предвидено за судија на основен суд лицето да има и работно искуство со потврдени резултати на правни работи по полагањето на правосудниот испит над пет години, а за судија на апелациониот суд над десет години. За судија на Врховниот суд на Република Македонија, покрај условите од став 1 лицето треба да биде истакнат правен стручњак и да има работно искуство со потврдени резултати на правни работи над 12 години.

Според член 68 алинеја 15 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија врши избор и разрешување на судии.

Според член 98 од Уставот судската власт ја вршат судовите кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Организацијата на судовите е единствена, а видовите ,надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Судијата, според член 99 од Уставот, се избира без ограничување на траење на мандатот.

Согласно член 32 став 1 од Уставот секој има право на слободен избор на вработување, а според став 2 на овој член секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Тргнувајќи од уставната положба на судовите како посебни, самостојни и независни органи кои судат само врз оснвоа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а судиите се избираат со траен мандат и кои мора да имаат посебни стручни способности за стручно и совесно вршење на судската функција, Судот оцени дека е право на законодавецот кој со член 98 став 5 од Уставот е овластен со закон да ги уреди прашањата за видот, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, да ги утврди и посебните услови за избор на судии, а во тие рамки да предвиди и одредено работно искуство со потврдени резултати.

Со оглед на тоа Судот оцени дека со утврдувањето на работното ускуство како услов за избор на судии, кој услов подеднакво се однесува на сите, не се ограничува правото на слободен избор на вработување ниту достапност ана ова работно место под еднакви услови, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со означените уставни одредби.

Во однос на наводот од иницијативата дека со предвидувањето на работните места судски советник и самостоен судски советник се повредувала независноста и самостојноста на судовите и судиите, Судот оцени дека нема основ за поведување постапка. Ова од причини што според член 99 од Законот за судовите овие работници вршат стручни, административни и технички работи, а немаат функција да ги советуваат судиите, да се мешаат и да учествуваат во одлучувањето со што би се влијаело на независнотото и самостојно одлучување на судиите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.51/96)