Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 алинеја 3 и чле н 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 февруари 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување законитоста на член 19 (член 43) од Статутот на Центарот за стручно оспособување и преквалификација – Струга, донесен на референдум на работниците одржан на 28 ноември 1986 година.
2. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.275/95 од 29 ноември 1995 година поведе постапка за оценувазње законитоста на член 19 (член 43) од Статутот означен во точката 1 од ова решение затоа што пред Судот се постави прашањето за неговата согласност со член 32, 59 и член 91 став 2 од Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95).
3. Во одговорот на наводите содржани во решението за поведување постапка доносителот на актот истакна дека Центарот за стручно оспособување и преквалификација – Струга не била образовна организација, туку само за стручна оспособеност на работници за некои профили за занимања по основ на курсна настава и дека во неговите простории се изведува практичниот дел од наставата на Електро-машинскиот училишен центар од Охрид и за металските и текстилните паралелки на УСО “Нико Нестор” од Струга, Притоа, наставата ја изведувале професори од означените училишта, а центарот давал само услуги во простории и алат, за одреден надоместок.
4. Судот на седницата утврди дека Центарот за стручно оспособување и преквалификација – Струга не е запишан во регистарот на средни училишта при Министерството за образование и физичка култура така што овој центар нема статус на училиште за средно образование.
5. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува, меѓу другото, и за согласноста на прописите со Уставот и со законите.
Со оглед на тоа што Центарот не врши образовна дејност односно нема статус на средно училиште, нејзиниот Статут не претставува пропис во смисла на означената уставна одредба поради што Судот оцени дека нема основи за понатамошно водење на постапката.
Врз основа на инесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.275/95)