Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 февруари 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 27 од Законот за вработување (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/87, 18/89, 36/89, 17/91, 36/91, 12/93 и 78/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Здружението на граѓаните – технолошки вишок од Штип, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 27 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се лимитирало правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност во зависност од должината на стажот на осигурување што не било во согласност со член 32 став 1 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорениот член 27 од Законот, паричен надоместок на невработеното лице се исплатува: три месеци ако има стаж на осигурување најмалку девет месеци во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци; пет месеци ако има стаж на осигурување 15 месеци во непрекинато траење или 24 месеци со прекин во последните три години; седум месеци ако има стаж на осигурување 30 месеци во непрекинатото траење или 50 месеци со прекин во последните пет години; деавет месеци ако има пет – седум години стаж на осигурување; дванаесет месеци ако има седум – десет години стаж на осигурување; четиринаесет месеци ако има 10-13 години стаж на осигурување; осумнаесет месеци ако има 16-19 години стаж на осигурување; дваесет и еден месец ако има 19-22 години стаж на осигурување и дваесет и четири месеци ако има 22-25 години стаж на осигурување. На невработеното лице кое има повеќе од 25 години стаж на осигурување, паричниот надоместок му се исплатува до неговото вработување односно до настапувањето на некои од основите за престанок ан правото на паричен надоместок.
4. Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според ставот 5 на истиот член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека вработените имаат право на материјаолна обезбедност за време на привремена невработеност и дека ова нивно право како и другите права од работен однос се уредува со закон и со колективни договори. Според тоа, право е на законодавецот, уредувајќи го ова право да утврди и услови под кои ќе се исплатува паричниот надоместок. при тоа, законодавецот со оспорениот член 27 од Законот, никому не му го ускратил правото на паричен надоместок, туку го определил времето за кое се исплатува овој надоместок во зависност од должината на стажот на осигурувањето. Со оглед на тоа што времетраењето на исплатата на паричниот надоместок е врзано со должината на стажот на осигурување и дека важи за сите корисници на ова право Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 27 од Законот со членот 32 став 1 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (у.бр.54/96)