Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 февруари 1996 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА точката 6 од Одлуката за определување на цените на комуналните услуги бр.02-27 од 22 февруари 1995 година, на Претпријатието за комунални дејности “Водовод” Ц.О. Богданци.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по сопствена иницијатива, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на точката 2 од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 33 од Уставот на Република Македонија и членовите 7 и 12 од Законот за гробиштата (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/73).
4. Во одговорот на наводите содржани во решението, доносителот на актот Претпријатието “Водовод” Богданци, наведува дека Општината Гевгелија немала донесено пропис за употреба на гробиштата во богданци. Понатаму, во одговорот се наведува дека, средствата од придонесот утврден во точката 6 од Одлуката, покрај за одржување на гробиштата, се наменети и за посебни услуги што ги дава Претпријатието при закоп и тоа за: пренос на умрениот од домот до гробиштата; ископ на гроб и затрупување на гробот и изградба на капела и бесплатно чување во капелата. Според тоа, придонесот за одржување на гробиштата не претставувал јавна давачка, туку надомест за извршени услуги.
5. Судот на седницата утврди дека со точката 6 од оспорената одлука е определен придонес за одржување на градски гробишта и обавување на посебни услуги, без наплата на погребни трошоци, по едно домаќинство месечен износ 51,03 денари.
6. Со членот 33 од Уставот е предвидено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Со член 7 од Законот за гробиштата (“Службен весник на СРМ” бр.18/73) е предвидено дека гробиштата се изградуваат, уредуваат и одржуваат во согласност со урбанистичките и санитарните прописи и на начин предвиден со пропис на општината, а според член 12 од Законот, употребата на гробиштата се регулира со пропис на општината. Со гробиштата се управува врз основа на правилата што ги донесува општината односно органот или организацијата што таа ќе ги задолжи.
Од наведените законски одредби произлегува дека општината или од неа овластена организација е овластена да ги уредува прашањата на употреба на гробиштата. Според тоа, ниту општината, ниту овластената оргнаизација не се овластени да воведуваат обврска за граѓаните на име цена за комунална услуга за одржување на гробишта.
Доколку, пак, Претпријатието дава и посебни услуги при закоп, според мислењето на Судот е должно да ги определи и цените за тие услуги.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука преку цената за комунална услуга за одржување на гробиштата е утврдена обврска за сите граѓани да плаќаат за овој вид услуга, судот оцени дека точката 6 од Одлуката не е во согласност со член 33 од Уставот и наведенитге законски одредби.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Ова одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.291/95).