Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 февруари 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 44 до 48 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 17/79, 37/80, 18/89 и 21/91).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за висината на надоместокот за употреба на градежно земјиште бр.08-68/7, донесена од Собранието на Општина Гевгелија на 24 февруари 1995 година.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Јован Вацев од Гевтелија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 44 до 48 од Законот означен во точката 1 од ова решение и уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 2 од ова решение, затоа што со оспорените одредби граѓаните се оптеретувале со разни плаќања за употреба на градежно земјиште со што се нарушувала нивната социјална правда и социјална сигурност.
4. Судот на седницата утврди дека според член 44 став 1 од Законот за градежно земјиште собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации.
Согласно ставот 2 на овој член, со одлуката за воведување на надоместок се уредува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот, а според ставовите 3 и 4 од овој член на Законот, надоместокот го плаќа непосредниот корисник на земјиштето. Како непосреден корисник се смета носителот на правото на користење на недвижности, сопственикот и носителот на станарското право.
Со член 45 од Законот е определено надоместокот за употреба на уреденото градежно земјиште да се плаќа по единица површина, посебно за градежното земјиште и посебно за изграден користен простор. Според член 46 од Законот средствата од надоместокот за употреба на градежното земјиште се користат за намени утврдени со програмите за уредување на градежното земјиште, а со членот 47 од Законот, се утврдени случаите во кои не се плаќа надоместок за употреба на градежното земјиште. Согласно член 48 од Законот, надоместокот за употреба на уреденото градежно земјиште се утврдува зависно од погодностите што определено земјиште му ги дава на корисникот (положбата на земјиштето во населбата или населеното место, сообраќајната поврзаност со центарот, снабденоста со комунални објекти и инсталации, рационалност на користење и други околности од значење за користење на тоа земјиште).
Со оспорената одлука се утврдува надоместокот за употреба на градежното земјиште на подрачјето на Општината Гевгелија, неговата висина, зони на плаќање и начинот на пресметување.
5. Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд постапувајќи по предметите У.бр.161/94 и У.бр.7/96 ја оценувал уставноста на членовите 44 до 48 од Законот за градежното земјиште од аспект на нивната согласност со одредбите на Уставот што се однесуваат на правата на граѓанинот утврдени со Уставот и не нашол повреда на тие права, како и од оценката дека давањето можност општината да ги врши работите на уредување и употреба на градежното земјиште и да го определува надоместокот за употреба на таквото земјиште во согласност со законот, не е во несогласност со уставните принципи, поради што и не повел постапка за оценување уставноста на наведените одредби од Законот, Судот оцени дека за тие прашања веќе одлучувал и не наоѓа основи за поинакво одлучување, поради што, согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата во тој дел ја отфрли.
6. Тргнувајќи од анализата на оценката на уставноста на член 44 од Законот за градежното земјиште, за кој Судот не повел постапка, а имајќи предвид дека со овој Закон, како и со Законот за локалната самоуправа, општината односно единицата на локалната самоуправа се овластува да го утврдува надоместокот за употреба на градежното земјиште, да ја определува неговата висина, роковите за плаќање и начинот на неговото пресметување, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за висината на надоместокот за употреба на градежно земјиште, донесена од Собранието на Општината Гевгелија на 24 февруари 1995 година, со одредбите на Уставот и Законот за градежното земјиште.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.8/96)