3/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 од Законот за заштита и користење на земјоделското земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.7/86, 51/88, 15/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.28/91, 36/91, 83/92 и 62/93).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 44 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Јавното правобранителство на Македонија му јподнесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 1 и член 44 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби земјоделското земјиште се определувало како добро од општ интерес и му се давала посебна заштита и доколку таквото земјиште не биде купено од заинтересиран граѓанин или правно лице се создавло обврска истото да го купи Републиката, што било во несогласност со член 56 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот земјоделското земјиште како добро од општ интерес ужива посебна заштита и се користи во согласност со општите услови и со другите општи интереси предвидени со овој закон, со кои се обезбедува негово рационално користење, а според член 44 став 4 од Законот за изменување на Законот за заштита и користење на земјоделското земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/91), доколку нема заинтересиран граѓанин или правно лице за купување на понуденото земјиште истото го купува Републиката по продажна цена во моментот на продажбата во таа катастарска општина.

5. Според член 56 став 1 од Уставот сите природни богатства, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 од овој член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Тргнувајќи од анализа на содржината на член 56 од Уставот, според кој сите природни богатства на републикат се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита, произлегува дека, земјиштето, па според тоа и земјоделското земјиште е природно богатство и претставува добро од општ интерес и ужива посебна заштита, а со закон се уредуваат начинот и условите под кои добрата од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Добрата од општ интерес за Републиката, според мислењето на Судот, можат да бидат во различни видови на сопственост, а државата, во смисла на член 56 од Уставот е должна да обезбеди посебна заштита на овие добра независно од тоа во чија сопственост се наоѓаат, при што и јавниот интерес за ограничување на одредени права кај овие добра не мора посебно да се утврдува. Притоа, треба да се има предвид и уставниот принцип дека сопственсота (без оглед во кој вид се појавува) создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Поаѓајќи од тоа, се смета дека кај добрата од општ интерес личното право не може да биде нагласено, туку е нагласен општиот интерес за заштита на добрата кои имаат таков карактер. Во случајот, државата поаѓа од своето право и обврска да го заштити земјиштето како добро од општ интерес. Кон тоа треба да се додадат и социјалните и економски функции на државата да создаде услови за живот на граѓаните од секое подрачје задржувајќи го населението на одредено подрачје и овозможувајќи му да го користи земјиштето што се наоѓа на тоа подрачје. Остварувањето на овие општи цели и поттикнувањето на економскиот напред и грижата за порамномерен просторен и регионален развој, утврдени во член 57 од Уставот, се уставен основ со закон да се предвидат општите услови и другите општи интереси со кои се обезбедува рационално користење на земјоделското земјиште. Според тоа, сопственикот на земјоделското земјиште , тоа земјиште ќе го користи и со него ќе располага, но со одредени ограничувања кои се во негов и во интерес на заедницата, а кои произлегуваат од карактерот на таквото земјиште.

Тргнувајќи од напред наведеното, судот оцени дека не може да се постави прашањаето за согласноста на член 1 од Законот за заштита и користење на земјоделското земјиште со член 56 од Уставот.

6. Во однос на оценката на уставноста на член 44 став 4 од Законот, Судот постапувајќи по предметите У.бр.31/93 и У.бр.206/94 веќе одлучувал и не наоѓа основи за поинакво одлучување.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.3/96)