336/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставнот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за висината на стапката на затезна камата (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/92 и 70/93).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на прописите на некои претпријатија како што се ЈП “Електростопанство на Македонија”, ПТТ “Македонија”, ЈП “Водовод и канализација”, ЈП “Комуналец” и други, врз основа на кои тие наплатуваат високи камати за ненавремено платени сметки.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Милунка Стојановиќ од Скопје и Петар Петровски од Битола, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на Законот и уставноста и законитоста на актите означени во точката 2 од ова решение, затоа што со Законот и корисниците на социјална помош се ставаат во иста положба со другите граѓани и се обврзуваат да плаќаат затезна камата за неплатени сметки и затоа што наведените јавни претпријатија и други, самоиницијативно носат прописи и наплатуваат високи камати за ненавремено платени сметки.

4. Согласно член 68 од Уставот на Република Македонија Собранието е овластено да донесува закони.

Според член 277 од Законот за облигациони односи кој согласно Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република
Македонија е преземен како републички, должникот кој ќе задоцни со исполнување на парична обврска долгува покрај главница и затезна камата по стапка утврдена со закон.

Според член 1 од Законот за висината на стапката на затезната камата (“Службен весник на Република Македонија бр.65/92 о 70/93) – должникот кој ќе задоцни со исполнувањето на паричната обврска плаќа затезна камата на износот на долгот до мометнот на исплатата, во висина на есконтната стапка што ја утврдува Народна банка на Република Македонија зголемена за одреден процент.

Пресметувањето на затезната камата се врши месечно со примена на конформната метода.

Од изнесеното произлегува дека доколку должникот задоцни со паричното долгување должен е да плати покрај главница и затезна камата, чија висина се утврдува со посебен закон.

Со оглед на тоа што Собранието согласно уставното овластување со оспорениот закон ја утврдил висината на стапката на затезната камата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

5. По однос на наводите во иницијативата дека корисниците на социјална помош не треба да се изедначуваат со другата категорија на граѓани при воведување на обврската за плаќање на затезна камата за неплатени сметки, Судот смета дека од уставната одредба според која Република Македонија, покрај другото, е прокламирана како социјална држава чија темелна вредност на нејзниот уставен поредок, покрај другото, е и социјалната правда, како и од уставните одредби со кои се гарантираат одредени социјални права на граѓаните, не произлегува можност одредена категорија на граѓани да се ослободуваат од одредени свои обврски кои произлегуваат од извршените услуги од страна на одредени правни субјекти.

6. Во врска со наводите во иницијативата дека ЈП “Електростопанство на Македонија”, ПТТ “Македонија”, ЈП “Комуналец” и други јавни претпријатија со свои прописи неовластено на сметките за користење на електрична енергија, топлинска енергија, телефонски услуги и друго им пресметуваат затезна камата на граѓаните кои ненавремено ги исполнуваат своите обврски, Судот утврди дека тие немаат донесено акти , туку го применуваат Законот за висината на стапката на затезна камата, поради што Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.358/95 и 336/95)